Најмалку 222 лица загинаа, а над 840 се повредени минатата ноќ при налет на цунами во крајбрежните области меѓу индонезиските острови Суматра и Јава, предизвикано од ерупција на вулканот Анак Кракатау.

– Загинаа 222 лица, 843 се повредени, а 28 се водат како исчезнати, соопшти портпаролот на индонезиската Агенција за справување со елементарни непогоди, Сутопо Пурво Нигрохо.

Тој нагласи дека се стравува оти билансот на жртвите ќе се зголеми во следните часови, бидејќи постојано пристигнуваат информации за нови жртви од погодените реони.

Нигрохо утрово информира дека најтешко е погодена провинцијата Бантен, од каде потекнуваат повеќе од половина од загинатите.

Локалните власти соопштија дека при налетот на цунамито се разрушени стотици домови и други објекти.

Цунамито откорнало и голем број дрвjа кои ги блокираа патиштата, што го отежува пристапот на спасувачките екипи до настраданите.

Агенцијата за метеорологија, климатологија и геофизика апелираше до локалните жители и туристите да стојат подалеку од брегот, нагласувајќи дека тоа предупредување ќе биде во сила до 25 декември.

– Ве молиме да не се приближувате до плажите. Оние кои се евакуирани се молат се уште да не се враќаат дома – соопшти Агенцијата.

Раководителот на Одделот за предупредување за земјотреси и цунами при Агенцијата, Рахмат Тријоно призна дека на Индонезија и недостига систем за рано предупредување на опасност од големи бранови при ерупција на вулкани.

– Механизмите за рано предупредување со кои располагаме во моментов, првенствено се однесуваат на тектонски појави, а не на вулкански – изјави Тријоно.

Кон крајот на септември индонезискиот остров Сулавеси го погоди земјотрес со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала, кој предизвика цунами бранови високи и до седум метри, при што загинаа над 2.200 лица, над 10.000 беа повредени, а над 1.000 прогласени за исчезнати.

По ова властите признаа дека системот за предупредување од цунами на функционира со полн капаците веќе шест години. Според нив, од 2012 година не работи длабинскиот сензор за рана детекција на големи бранови, кој е клечен елемент на системот за предупредување од цунами.