Бриселскиот весник „Политико“ објави список на најмоќните луѓе во Европа, во кој на првото место ја става германската канцеларка Ангела Меркел. Меѓу другите влијателни личности што се најдоа на листата на магазинот се и унгарскиот премиер Виктор Орбан, Емануел Макрон, турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, Владимир Путин, Андрес Тегнел и други

Германската канцеларка Ангела Меркел е најмоќната личност на Европа, бидејќи таа е на власт речиси 16 години, со процена дека веројатно ќе остане и најмоќниот лидер на Стариот Континент сѐ додека таа не одлучи да се повлече од политиката. Ова меѓу другото го наведува европското издание на магазинот „Политико“, кој во својата листа на 28 влијателни политичари ги дели европските лидери во три категории – лидери од акција, подривачи и сонувачи, наведувајќи дека секоја категорија претставува различен вид на моќ. Во листата на 28 влијателни личности на бриселскиот магазин се најдоа и унгарскиот премиер Виктор Орбан, францускиот претседател Емануел Макрон, турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, рускиот претседател Владимир Путин, англискиот фудбалски репрезентативец Маркус Рашфорд, водечкиот шведски епидемиолог Андрес Тегнел…
Интересно е што во објаснувањето зошто Меркел е на првото место од оваа листа, бриселскиот магазин пишува дека таа била стабилна рака за време на нејзиното владеење низ низа катаклизми, од големата рецесија и кризата во еврозоната до пандемијата на коронавирусот. Дополнително се посочува дека, исто како што нема соодветна замена во Европа, засега нема ни во Германија за Меркел и се претпоставува дека по нејзиното заминување, во Берлин ќе се појават нови играчи, како што се Партијата на зелените, но дека популистите сепак ќе останат во Бундестагот. Во текстот посочен за германската канцеларка се заклучува дека Меркел иако веројатно не успеа да ја придвижи Европа напред, сепак таа со сигурност направи многу да ја задржи заедно.

Лидери од акција

Во меѓувреме интересно е што профилот на унгарскиот премиер Орбан до вчера привлече најголемо внимание на интернет-страницата на „Политико“. Во него се истакнува дека унгарскиот премиер е зафатен со создавањето модел за „нелибералната демократија“ откако ја добил расправата за миграцијата, притоа избегнувајќи санкции од Брисел. Веднаш зад Орбан на списокот на лидери од акција е и италијанскиот премиер Џузепе Конте, а бриселскиот весник го обележи како човек што нема да дозволи Италија да пропадне. За него се вели дека е човек што работи со нестабилна коалиција и напади од амбициозни десничари, додека во областа на надворешната политика мора да ја убеди ЕУ дека ќе успее да подготви финансиски акт. Магазинот за Конте додава дека неговата одлука да ја затвори земјата на почетокот на пандемијата му донела лојалност, на што укажуваат резултатите од локалните избори, на кои десничарските партии не успеаја да победат. Понатаму на листата на лидери од акција се и директорот на Европската агенција за лекови, Емер Кук, директорката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, претседателите на Турција и на Франција, Реџеп Таип Ердоган и Емануел Макрон, како и британскиот премиер Борис Џонсон и германскиот министер за здравство Јенс Спан. Магазинот за Ердоган истакнува дека е „сериозен лидер“, со втора по моќност армија во НАТО, која му дозволи да спроведе политики што никој не може да му ги оспори ниту од Западот ниту од Истокот.

Листа на подривачи

Павел Дуров, основачот на апликацијата „Телеграм“, е на списокот на подривачи, а „Политико“ наведува дека неговата апликација е подолго време на радарите на европските влади, како алатка за завери и терористичка пропаганда, но и дека е сѐ поактивен во организирањето на масовните движења за Западот. Меѓу т.н. опструктори се и Тиери Бретон, европски комесар за внатрешен пазар, за кого се вели дека се обидува да ја постигне амбицијата на Париз за стратегиска автономија, лидерот на италијанската десничарска партија Браќа на Италија, Џорџа Мелони, рускиот претседател Владимир Путин, кого магазинот го нарекува „бауч“ поради ладните политики кон Блискиот Исток, Европа и Азија, писателката Ј.К. Роулинг, поради коментарите за правата на трансродовите лица, премиерот на Шкотска, Никола Старџен, и др.

Категорија сонувачи

Во оваа група бриселскиот магазин ги вклучува имињата не некои политичари односно лица што говорат за иднината, но немаат конкретни планови за нејзина реализација. Во оваа листа се најде и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, токму поради нејзината амбиција да ја обедини Европа, но не знае како. Понатаму, меѓу сонувачите е и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кого бриселскиот портал го опишува како чувар на најконкретниот поредок по Втората светска војна, но и главната експертка на „Бионтек“, Озлем Туречи, за која медиумот пишува дека е на пат да освои две Нобелови награди – за медицина и за мир. Во оваа занимлива класификација на „Политико“ влегуваат и белоруската опозиционерка Светлана Тихановскаја, градоначалникот на Прага, Зденек Хриб, кој сака да го направи главниот град на Чешка „град на рид“, но и шведскиот епидемиолог Андерс Тегнел, кој досега ја игнорираше политиката во корист на човечката психологија.