Берлин – Германската полиција уапси петмина припадници на т.н. Исламска држава, кои планирале напад врз американските сили во Германија, убиство на критичарот на исламот Амир Масуд Арабпур М, кој живее во близината на Диселдорф и едно убиство во Албанија. Како што пренесоа западните медиуми, уапсените припадници на Исламска држава во периодот што следува подготвувале неколку терористички напади, кои биле на нивната листа за спроведување.

Дамаск – Сириската противвоздушна одбрана вчера одби израелски воздушен напад во близината на Дамаск, објави сириската државна агенција САНА. Како што јавуваат локалните медиуми, сирискиот противракетен систем успеал да запре израелска агресија од пет проектили што биле истрелани од либанскиот воздушен простор. Истите тие биле соборени пред да ја погодат целта, објави САНА. Нема информации за евентуални жртви.

Пјонгјанг – Јужна Кореја објави дека лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ун е „жив и здрав“, во време на шпекулации за неговото здравје. Советникот за надворешна политика на Јужна Кореја, Мун Џае Јинг, за Си-н-ен изјави дека Ким Јонг-ун е „жив и здрав“ и оти „досега не се забележани сомнителни случувања“. Инаку здравјето на Ким Јонг-ун стана тема во светските медиуми кога не се појави на 15 април за да го прослави роденденот на неговиот дедо Ким Ил-сунг, основачот на Северна Кореја.

Лондон – Британскиот премиер Борис Џонсон се врати во својот кабинет на Даунинг стрит 10, објави „Скај њуз“. Тој претходно мина една недела во болница поради ковид-19, а две недели беше на рехабилитација. Владата претходно објави дека Џонсон ќе се врати на работа на почетокот од неделава, а секретарот за надворешни работи Доминик Рааб, кој го заменуваше, изјави дека Џонсон бил подготвен да ја продолжи работата.