Лондон – Во Британија вчера започна тестирањето на две потенцијални вакцини за новиот коронавирус што ги финансира Владата. Британскиот министер здравство Мет Ханкок изјави дека Британија е во првите редови на глобалните напори за вакцинирање и ќе обезбеди финансиска помош за ветувачки и тековни проекти на универзитетот „Оксфорд“ и на „Империјал колеџ“ во Лондон.

Вашингтон – Поранешниот директор на клучната американска агенција за развој на лекови против коронавирусот изјави дека е отпуштен бидејќи повикал на внимателна употреба на лекови што често ги промовира американскиот претседател Доналд Трамп, јави Си-ен-ен. Рик Брајт објави дека бил сменет од позицијата директор на Биомедицинската управа за напредни истражувања и развој и му била доделена нова функција, бидејќи не сакал да наметне хидроксихлорокин и сроден хлорокин како лекови против ковид-19.

Кабул – Во повеќето оружени судири помеѓу армијата и талибанците во Авганистан во последните 24 часа загинаа десетина луѓе, соопштија властите во Кабул, а САД се обидуваат да посредуваат во мировните преговори, пренесе АП. Во вчерашниот напад на талибанците загинаа осум припадници на авганистанските безбедносни сили. Талибанците нападнаа и неколку контролни пункта во повеќе градови, при што загинаа 11, а беа повредени 19 војници.

Вашингтон – Две мачки во државата Њујорк станаа првите домашни миленичиња што имаат позитивен тест за коронавирусот во САД. Мачките биле од различни области на Њујорк и двете биле однесени на ветеринар кога покажале знаци на блага респираторна слабост. Сепак, експертите препорачуваат сопствениците да не дозволуваат нивните миленици да остваруваат контакти со луѓе или со други животни надвор од домаќинството, што значи дека мачките треба да се чуваат внатре, а кучињата да се држат на најмалку шест метри од други животни и луѓе.