Претседателот на либиската меѓународно призната Влада Фајез ал-Сараџ го обвини одметнатиот генерал Калифа Хафтар дека го „предал“ откако почна воена офанзива со цел заземање на главниот град Триполи.

Судирите предизвикаа загриженост дека би можело повторно да дојде до војна во Либија.

Во телевизиско обраќање, Фајез ал-Сараџ рече дека самопрогласената Либиска национална армија (ЛНА) на Хафтар ќе се соочи со цврст отпор на силите лојални на Владата на национално единство (ГНА) која е поддржана од Обединетите Нации.

– Подадовме раце за да се дојде до мир, но по агресијата која ја предизвикаа силите на Хафтар и неговите објави на војна на нашите градови и нашата престолнина… ќе се соочи само со сила и цврстина – рече Сараџ и предупреди дека тоа е „војна без победници“.

Сараџ и Хафтар кон крајот на февруари одржаа разговори во Абу Даби, што беше нивниот прв состанок од ноември 2018 година, на кој се договорија дека се неопходни национални избори.