Во официјалната изјава на германската влада се посочува дека нападот на Навални е „сериозен чин“ и се апелира до руската влада итно да преземе чекори

Откако токсиколошкиот наод потврди дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е отруен со нервниот отров од групата „новичок“, светските лидери се огорчени и бараат итен одговор од Москва. Германската канцеларка Ангела Меркел порача дека тестовите што биле извршени во воената лабораторија „недвосмислено покажале“ нервен отров од советската ера. Целиот случај го нарекла „шокантна информација“ и „обид за убиство“, како што пренесува хрватски „Јутарњи“.
– Наодите отворија многу тешки прашања, на кои само руската влада може и мора да даде одговор – порача Меркел.
Во изјавата на германската влада стои дека нападот на Навални е „сериозен чин“ и апелира руската влада итно да преземе чекори. Со реакција се јави и британската влада, која веќе има искуство со отровот „новичок“ во случајот со труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во 2018 година. Премиерот Борис Џонсон изјави дека наодите за труењето се „нечуени“ и дека „руската влада мора да објасни што се случило“, пренесува „Јутарњи“.

„Целосна осуда за нападот“
Официјален Вашингтон „целосно го осуди нападот“, додека демократскиот кандидат за претседател Џо Бајден го окарактеризира труењето како „суров и дрзок обид за загрозување на животот на Навални“ и напомена дека Доналд Трамп сè уште лично не го осудил нападот.
Четириесет и четиригодишниот Алексеј Навални се лекува во берлинската болница „Шарите“, каде што лекарите установија дека бил отруен. Неговите приврзаници испратија апел за помош, затоа што веруваат дека руските власти се обидуваат да ја прикријат реалната состојба и дека Навални нема да добие вистинска здравствена нега сè додека не биде префрлен во болница надвор од руските граници. Откако два дена беше под надзор на руските лекари, беше пренесен во германска болница, која традиционално се грижи за здравјето на лица што од политички причини не можат да се лекуваат во татковината. Имено, во истата болница се лекуваше отруениот член на руската група „Пуси рајот“, Пјотр Верзилов, како и новинарката Марина Калашњикова, заедно со нејзиниот сопруг Виктор, кој е поранешен припадник на КГБ, како што соопштува „Јутарњи“.

Откако беше установено дека Навални бил отруен со нервен отров што се произведувал во ерата на Советскиот Сојуз, лесно се донесе заклучок дека ваквиот чин против опозицискиот лидер не е ништо друго туку начин на кој Кремљ се справува со своите противници, пренесува „Јутарњи“. Соработниците на Алексеј Навални ова го протолкуваа како порака што Владимир Путин им ја испраќа на критичарите на Кремљ. Леонид Волков, кој е соработник на Навални, на Твитер објави дека изборот да се користи отровот „новичок“ е еднакво на „оставање потпис на местото на злосторството“. Иван Жданов, директорот на фондацијата на Алексеј Навални, напиша дека „без сомнеж“ само руските безбедносни служби се служат со „новичок“.

Отровот како оружје
„Новичок“ припаѓа на групата нервни отрови што Советскиот Сојуз ги разви во 1970-тите и 1980-тите години за да ги избегне светските ограничувања на хемиското оружје. Вил Мирзајанов, поранешниот руски научник што живее во САД, во 2008 година прв ја објави хемиската структура на агенсот и притоа пренесе дека е од 10 до 100 пати поотровен од конвенционалните нервни агенси. Користењето на „новичок“ беше забрането лани, откако беше додаден на листата на контролирани супстанции на Конвенцијата за хемиско оружје.

Но сè уште се поставува прашањето дали ќе се откријат сторителите. Руските доктори што го лекуваа Навални во Омск неколкупати ги оспорија наодите на германската болница и порачаа дека тие го исклучиле труењето како дијагноза затоа што нивните токсиколошки тестови биле негативни. Москва минатата среда реагираше со негирање и прикривање. Кремљ соопшти дека нема добиено официјален извештај за наодите. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача дека Москва ги отфрла сите претпоставки дека стои зад нападот на Навални во Русија. Берлин оствари итни состаноци со своите партнери од ЕУ и од НАТО за да поразговараат за соодветен одговор. Алексеј Навални се наоѓа во медицински индуцирана кома и е на апарати за дишење на одделот за интензивна нега во болницата „Шарите“.