Новиот комесар ќе треба да ја реши трговската војна со САД и да се бори со зголемениот протекционизам на домашен терен

Поради тешкотиите со кои се соочува светската трговија поради коронавирусот, преговорите за брегзит што водат до меѓусебно уништување на преговарачките страни, додека очајно е потребно да му се стави крај на трговскиот конфликт со САД, наследникот на Фил Хоган, последниот трговски комесар на Европската Унија (ЕУ), ќе треба добро да ги засука ракавите, како што пренесува „Политико“. Иако претходните вршители на оваа должност се фокусираа на обезбедување атрактивни трговски договори, сега вниманието е свртено кон контрола на штетите. Новиот шеф на европската трговија пред себе има пет главни задачи.
Крај на трговската војна со САД
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, сметаше дека Фил Хоган, кој успешно се покажа како вешт преговарач во претходната улога како европски комесар за земјоделство, е вистинскиот човек што ќе ги подобри најголемите инвестициски и трговски односи во светот по неколкугодишната царинска војна на американскиот претседател Доналд Трамп. Споровите за француските планови за данок на дигитални услуги што ќе ги погоди американските технолошки гиганти и европската поддршка за „Ербас“, главниот ривал на „Боинг“, му дадоа простор на Трамп да воведе нови царини.

Неодамна Вашингтон и Брисел се договорија за намалување на реципрочните царини, но Брисел се надева дека ќе му се стави крај на долгогодишниот спор за авионските субвенции. ЕУ сака да го реши проблемот на западниот фронт за да се фокусира на исток, со кинеската државно предводена економија.
Да се спречи пропаѓањето на европските договори
Коронавирусот ги изложи старите поделби меѓу протекционистичките јужни држави и полибералниот север од ЕУ. Протекционизмот веќе беше во подем пред пандемијата, а наследникот на Хоган ќе треба да одлучи дали новата насока во „отворената стратегиска автономија“ е вистинскиот чекор напред и може да ги задоволи вкусовите на двете страни.
Но поддршката за слободната трговија се губи дури и во поотворените економии на ЕУ. Усвојувањето на европските трговски договори со Канада и со јужноамериканскиот блок „Меркосур“ наиде на противење во ЕУ.

Иако тековните преговори со Австралија и со Нов Зеланд можеби нема да предизвикаат многу главоболки за новиот комесар, сепак тешко ќе добие зелено светло од преостанатите европски членки.
Подобрување на мултилатералниот трговски систем
За да се справи со нарушувањата од силно субвенционираната кинеска економија, Брисел прво мора да ја искористи својата предност како најголем светски трговски блок за да ја врати Светската трговска организација (СТО) на старите патеки. Женевската институција е парализирана поради американското блокирање во назначувањето судии во нејзиниот највисок суд. Фон дер Лејен побара од Хоган да ја предводи реформата во СТО и да подготви план до крајот на годината. Но институциите прво треба да изберат негов наследник, што се покажа како тежок чекор откако членките не успеаја да се договорат дури ни за негов привремен заменик.

Управување со последиците по брегзит
Преговорите за иден трговски договор меѓу ЕУ и Велика Британија се претворија во игра на меѓусебно уништување, со што се зголемија шансите за исход без договор до крајот на годинава. Откако минатата година беше постигнат договор Велика Британија да остане во трговската унија, двете страни се најдоа во судир по повеќе прашања. ЕУ не сака прва да попушти и постојано нагласуваше дека Британците многу повеќе ќе загубат од сценариото без договор отколку Брисел. Но хаотичен брегзит на крајот од годината исто така ќе нанесе сериозен удар по европската економија, особено што се совпаѓа со обновата по корона-кризата.
Зајакнување на климатската заштита
Новата улога на европскиот комесар за трговија е да се погрижи дека ќе се почитуваат ветувањата дадени во трговските договори и во спротивно да наметне санкции доколку не е така. Брисел постојано ја користи тактиката за настојување за спроведување реформи за човекови права и труд во преговорите со трговските партнери, затоа што нуди пристап до 450 милиони релативно богати потрошувачи. Но овој трик не функционира најдобро во европските преговори со Кина за инвестицискиот договор. Со Пекинг едвај беше постигнат некаков напредок во отстранувањето на пазарните пречки за странските инвеститори, додека истовремено се зголеми загриженоста за злоупотребата на човековите права во работничките кампови на Ујгурите во Хонгконг. Сега кога Пекинг настојува преговорите да завршат до крајот на годината, новиот шеф на европската трговија ќе треба да одлучи колку поволности ќе треба да понуди Кина за да се постигне договорот.