Директорот на Националните разузнавачки служби на САД Ден Коутс предупреди дека заканата од кибер-напади врз САД се зголемува и оти „црвените светла повторно се палат“, речиси две децении по нападите на 11 септември 2001 година, јави Гласот на Америка.

– Русија, Кина, Иран и Северна Кореја секојдневно напаѓаат компјутери во федерални, државни или локални владини агенции, корпорации и академски институции – рече шефот на американските разузнавачки служби.

Коутс истакна дека од овие четири земји, „Русија е најагресивен фактор“. Тој ова го изјави во говорот на Институтот Хадсон откако американското Министерство за правда објави ново обвинение против 12 Руси кои хакирале компјутери на демократи и кандидатката Хилари Клинтон и на тој начин се мешале во претседателските избори во САД пред две години.

Коутс предупредил дека „постои зголемена опасност од кибер напади од страна на странски држави кои можат да ја уништат критичната американска инфраструктура“. Кибер-нападите ги поврза со „алармантните активности“ кои американските разузнавачки агенции ги откриле пред нападите на Ал Каеда на 11 септември 2001 година.

– Црвените светла се палат. По две децении, велам дека црвените светла повторно се палат – истакна Коутс.

Тој рече дека владата на САД сè уште не открила нови руски напади врз избирачки места и базите на податоци на избирачите, како оние пред изборите во 2016 година.

– Сепак, јасно ни е дека сме оддалечени само еден клик од слична ситуација – оцени Коутс.