Лансирањето на хиперсонична ракета во орбитата на Земјата од страна на Кина покрена загриженост дека ривалите на САД брзо го надминуваат и заобиколуваат одбранбениот систем на Пентагон, иако се вложуваат десетици милијарди долари во негово усовршување, пренесува „Блумберг“.

Во тест кој беше изведен пред два месеца, кинеската армија лансираше проектил со нуклеарна способност во ниската орбита на Земјата, кој го обиколи светот пред да стигне до својата цел. Иако проектилот ја промаши својата цел, откако технологијата ќе биде усовршена, таа би можела да се користи за лансирање нуклеарни боеви глави над Јужниот Пол и околу американските противракетни системи на северната хемисфера.

Кина ги оспори ваквите гласини и тврди дека станува збор за рутински тест на вселенско летало, кое ја тестирало технологијата за повеќекратна употреба на ваквите летала.

– Кина ќе соработува со другите земји во светот за мирната употреба на вселената во корист на човештвото – изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Жао Лиџијан.

Доколку се утврди дека станувало збор за ракетен тест, тоа би сугерирало дека Кина работи на усовршување на орбитални напади како начин да се спротивстави на американскиот напредок во соборување на балистички ракети, пред тие да можат да ја загрозат територијата на САД. Креирањето на усовршен антиракетен систем на САД, наводно за одбрана од Кина, Ирак, Северна Кореја и од Русија, би можело да значи повод за забрзување кон нова трка за нуклеарно вооружување.

Според истражувачите и експертите за безбедносни и воени политики, лансирањето на ваквата ракета во орбитата за САД претставува „промена на играта“, а изградбата на нови технологии за одбрана и спротивставување на ваквите проектили ќе ги чини многу скапо.

– Доколку било која земја се реши на вооружувањето на вселената на ваков или сличен начин, тоа неминовно ќе значи ризик и дестабилизација и ќе ја зголеми шансата за ненамерна ескалација што може да доведе до нуклеарна војна – изјави Мелиса Ханам, експерт за деескалирање на нуклеарно оружје поврзана со Центарот за меѓународна безбедност и соработка во Стенфорд. Ханам напоменува дека досега нема доказ дека ниедна земја размислува за стратегија која вклучува бомбардирање од орбитата.

Тестот во август беше еден од неколкуте неодамнешни потези на Пекинг, со цел да ја покаже силата и да воспостави поповолна рамнотежа на силите во регионот. САД и Кина постојано се во судир на места како што е Јужното Кинеско Море и Тајванскиот Теснец, кои администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги карактеризираше како „стратешка конкуренција“ помеѓу двете најголеми светски економии.