Авиопревозниците губат многу пари и од нивен интерес е повторно да ги вратат авионите во воздух

Некои авиокомпании планираат да го забранат седењето на средните седишта за да им помогнат на патниците да ја одржуваат физичката дистанца. Но дали тоа ќе успее и дали ќе можат да си го дозволат?

Пандемијата ќе ја промени и авиоиндустријата

Додека сè повеќе држави размислуваат да ги повлечат карантините од пандемијата на ковид-19, авиокомпаниите анализираат како ќе изгледа летањето кога ќе почнат да се олеснуваат рестрикциите. Авиопревозниците губат многу пари и од нивен огромен интерес е повторно да ги вратат авионите во воздух. Довербата на патниците ќе биде една од пречките што ќе треба да се надминат, затоа што многумина ќе бидат загрижени за одржување на потребната меѓусебна физичка дистанца, пишува британски „Би-би-си“. Според медиумот неколку авиокомпании веќе ја разгледуваат идејата да не ги користат средните седишта за да избегнат патниците директно да седат еден до друг. Европскиот авиопревозник на кратки релации „Изи џет“ е само уште еден кој размислува за ваквата идеја, со тоа што извршниот директор Јохан Лундгрен, минатата недела наведе дека „тоа е нешто што клиентите би сакале да го видат“. Други авиокомпании имаат слични планови, меѓу кои „Алјаска ерлајнс“ и европскиот нискобуџетен превозник „Визер“. Опцијата за забрана за средното седишта беше поздравена од патниците кои обично ги претпочитаат седиштата до прозорецот, затоа што имаат поглед и можат да се потпираат и наместат за спиење, а од седиштето до патеката полесно се оди до тоалет и се истегнуваат нозете.

Средното седиште нема многу предности освен ако не сте од оние патници што сакаат да разговараат. Но дали блокирањето на средните седишта навистина ќе помогне во одржувањето на физичката дистанца и ако успее, колку долго авиокомпаниите ќе можат да ја користат оваа мерка? Дали е реална опција освен на краток рок? – Засега ни е потребна, бидејќи во спротивно нема да биде во согласност со инструкциите на властите и здравиот разум. Итната потреба за намалување на стапката на заразени е приоритет, дури и ако решението не е совршено. Сепак, на долгорочен план не е економски исплатливо. Откако ќе помине кризата, сите ќе се вратиме на нормалното движење во светот. За да се исплати, особено сега со намалување на капацитетот, тогаш авиокомпаниите ќе треба да ги продаваат сите седишта – објасни Даниел Барон, директор на токиската фирма „Лифт аеродизајн“, која им помага на авиокомпаниите да дизајнираат кабини и да го подобрат искуството на патниците.

Теоријата од два метри

Авионите воопшто не се погодни за физичко дистанцирање. Во изминативе години беа потрошени милијарди долари, особено за да може да се сместат што повеќе лица во мал простор. На пример, кога огромниот „боинг 777“ со два мотори и со две патеки почна да лета во 1990-тите години, повеќето од овие авиони имаа по девет седишта во економска класа за долгите летови. Денес, речиси сите авиопревозници, без разлика дали станува збор за долги дестинации како оние на „Емирати“ или на кратки во рамките на Јапонија, располагаат со авиони со 10 седишта, што значи помали седишта и потесни патеки. Да се одржува физичката дистанца во време на ковид-19 значи да се биде на растојание од два метри. Во современите авиони тоа е невозможно, затоа што седиштата се широки околу 45 сантиметри, па така средното седиште ви овозможува само толкава дистанца од вашиот сопатник.

За да се почитуваат препораките треба да има растојание од четири седишта меѓу двајца патници, односно секој да седи на седиштата до прозорецот во авион со една патека. Растојанието меѓу редовите е 75-80 сантиметри. Така, за да се одржи дистанцата од два метри, по еден патник треба да седи на два реда, што значи четири патници на секои 26 седишта или процентуално тоа би било само 15 отсто од капацитетот на авионот. Авиокомпаниите тоа го нарекуваат „фактор на товар“.
Авиокомпаниите да заработуваат колку што трошат

Факторот на товар, односно колку седишта се зафатени со патници во авионот, одредува дали летовите се исплатат. Според овој фактор, некогаш само неколку седишта одредуваат дали некој лет е профитабилен. Лани, Меѓународното здружение за авиотранспорт се повика на просечен фактор на товар од 84 отсто, кој варира регионално од 89 отсто во Северна Америка до 71 отсто во Африка. Блокирањето на средните седишта во „боинг 737“ или „ербас А320“, во кои обично патеката дели шест седишта, а во поголемите авиони како „боинг 787“ и „ербас А350“ имаат две патеки и девет седишта, факторот на товар би изнесувал максимум 66,7 отсто, што не е доволно авиокомпаниите да не работат без загуби. Сепак, Џејсон Рабиновиц, шефот на центарот за податоци во компанијата за мерење на авионски сообраќај, истакнува дека актуелното запирање на побарувачката може да успее само краткорочно.

Единствените летови кои функционираат се оние по нарачка на владите за да се пренесат само најнеопходните патници и товар во време на карантин. Актуелната состојба не може да трае засекогаш. Освен ако не се променат владините мерки, физичкото дистанцирање да остане задолжително и ако не се најде начин да се намали губењето на приходите на авиокомпаниите „за индустријата да почне да закрепнува и постепено да се нормализираат летовите, на крајот ќе мора да се дозволат и средните седишта за да се зголеми факторот на товар“, како што смета Рабиновиц.

Дистанцата е една од пакетот мерки

Не сите авиокомпании се залагаат за пристапот за откажување на средните седишта. Мајкл О’Лири, претставникот на „Рајан ер“, се сомнева во ефикасноста на оваа мерка, особено ако не се почитува соодветна дистанца меѓу патниците на копно. Даниел Барон истакнува дека има други мерки кои авиокомпаниите можат да ги користат за патувањето да биде побезбедно како „скрининг пред летот, целосно дезинфицирање на кабините, паметно распоредување на седиштата и задолжителни маски, барем првично на краток и среден рок“. „Делта ерлајнс“ го промени начинот на влегување во авион, односно од задниот влез кон напред, за да патниците од задниот дел не мора да се разминуваат со оние од предниот. Авиокомпанијата исто така го ограничи бројот на патници во еден лет за да го задржи физичкото дистанцирање.

Многу авиопревозници ги откажуваат или ги намалуваат храната и пијалаците за да се намали интеракцијата. Ковид-19 веќе го промени светот на повеќе начини и ќе продолжи и во иднина додека ние максимално вложуваме напори да се избориме со него.