Изминатото лето ќе биде запаметено по рекордно високи температури на глобално ниво. Па, така, анализата на калифорнискиот институт „Берклеј ерт“ покажува дека годинава, во периодот од 1 мај до 30 август, се измерени над 400 рекордни високи температури на воздухот. Една третина од рекордните температури биле регистрирани во Германија, потоа во Франција и во Холандија.

Во текот на летото, во повеќе од 1.200 места во северната хемисфера беа измерени рекордно високи температури. Истражувањето опфатило и податоци од метеоролошки станици во северната хемисфера во текот на изминатите 40 години. Франција постави рекорд со температура од 46 Целзиусови степени, додека во Британија, Белгија, Германија, Луксембург и Холандија исто така првпат се забележани такви високи температури.

– На некои места во Европа, температурите се највисоки во последните 150 години – изјави експертот Роберт Род.

Во јули годинава беа урнати сите температурни рекорди низ целиот свет. Температурите се искачија за 0,04 степени Целзиусови на глобално ниво, во споредба со најтоплиот месец во јули 2016 година. Според научниците, тоа е знак дека Земјата забрзано се загрева.