Францускиот претседател Емануел Макрон се гордееше со уривање на застарениот политички систем кога стапи на функцијата минатата година, ставајќи крај на „стариот свет“ на мејнстрим-партиите и воведувајќи реформи на пазарот на трудот и во државните железници, заобиколувајќи ги „нерепрезентативните“ трговски синдикати и наоѓајќи средства за локалната власт. Но, неструктурираното протестно движење без лидер, поттикнато од цените на горивата, го погоди Макрон во неговата слаба точка, спуштајќи го рејтингот на претседателот на рекордно ниско ниво, што претставува закана и за изгледите на неговата партија Републиката во движење (РЕМ) на претстојните избори во Европскиот парламент, пренесува европското издание на интернет-порталот „Политико“.

Сликите од демонстрантите во жолти елеци кои палат барикади и демолираат кафулиња во Париз беа пренесени низ светот, валкајќи го имиџот за Франција кој Макрон сакаше да го претстави. Трговските центри низ државата беа блокирани, а пратките со свежи производи скапуваа изминатиот викенд.

– Макрон беше погоден од безличниот дигитален револт на „селаните“. Востанието на „жолтите елеци“ е производ на истиот револт што го донесе на власт. Губењето доверба во системот и можноста на луѓето да комуницираат на социјалните мрежи и да се организираат спонтано – вели книжевникот Франсис Броше.

Ваквата ситуација, веројатно го наведе Макрон да признае дека ги потценил маките на обичните луѓе кои имаат потешкотии за да скрпат крај со крај. Тој вети дека ќе има повеќе слух и оти ќе ги вклучи експертите за изнаоѓање на практични економски решенија кои нема да бидат на штета на сиромашните домаќинства. Згора, францускиот претседател напомена и оти даноците за горивата би можеле да бидат корегирани, ако се менува и светската цена на нафтата.

– Го слушам гневот. Нашите одговори беа премногу апстрактни. Решен сум да ги препознаам и земам в обзир сите чувства и огорченоста кои беа изразени во текот на оваа криза – порача Макрон, кој незадоволните граѓани го нарекуваат „претседател на богатите“.

Францускиот лидер вети нов инклузивен стил на владата со консултирање на синдикатите, локалните власти и здруженија. Тој најави и дека премиерот Едуар Филип ќе се сретне со група претставници на „жолтите елеци“.

Допрва треба да се види дали ветувањата ќе бидат доволни за да стават крај на протестите што мобилизираа 280 илјади луѓе. Првичните реакции се негативни, бидејќи демонстрантите велат дека Макрон уште нема слух за нивните проблеми.

– Општо мислење е дека политиката на Макрон ја фаворизира урбаната класа, на штета на луѓето од руралните делови на Франција. Тој затоа е сметан за „претседател на богатите“, и покрај неговите програми за борба против сиромаштијата, реформа на болничката нега и подобрување на училиштата, кои наидоа на одобрување. За значителен проблем се смета невработеноста која изнесува високи девет отсто за Франција, додека даноците за горивата беа последна сламка – се наведува во анализата на „Политико“.