Европската комисија предложи да ѝ ги прошири овластувањата на Европската полициска агенција (Европол) и да ги зајакне контролите на надворешните граници како дел од пошироката стратегија за борба против тероризмот, која беше претставена неодамна. Како што пренесува порталот „Еурактив“, новиот пакет на мерки за борба против тероризмот е одговор на терористичките напади што неодамна се случија на европско тло, поточно во Франција и во Австрија. Во истиот пакет на мерки за европската полиција се посочува дека членките треба итно да ја завршат модернизацијата во управувањето на надворешните граници во рамките на договореното, со амбиција да се развие најсовремениот систем за гранична контрола во светот.

– Европската комисија сака да оствари соработка со владите за да го подобри пристапот до дигитални докази и енкриптирани информации што ги користат криминалците. Според плановите, Европол треба да дејствува како контактна точка за интернет-платформите ако не е јасно која членка е одговорна доколку постои сомнеж за план за терористички напад. Наедно, може да побара од националните власти да почнат истрага дури и во случај да не станува збор за прекуграничен криминал – наведува „Еурактив“.
Во тој контекст, медиумот посочува дека Комисијата во периодот што следува ќе ги поддржи членките на Европол при спроведувањето на процените на ризик што требаат да се внесат во разузнавачкиот и кризен центар на ЕУ за заштита и „меки“ цели.