Четирите европски земји во Г-7, Франција, Италија, Германија и Велика Британија, се согласија денеска да одбијат враќање на Русија во Групата седум индустриски најразвиени земји. Претходно денеска американскиот претседател Доналд Трамп предложи враќање на Русија во Г-7.

Москва беше исклучена од Групата Седум најразвиени земји плус Русија во 2014 година поради анексијата на Крим и конфликтот во Источна Украина.

Европските лидери Емануел Макрон, Ангела Меркел, Тереза Меј и Џузепе Конте, кои се сретнаа непосредно пред почетокот на Самитот во Канада по иницијатива на францускиот претседател, се согласија дека „европски став е да не се врати Русија“.

Еден од советниците на Макрон соопшти дека на средбата било истакнато дека продолжува „будноста“ кон Москва, но и било укажано на „можноста за воспоставување дијалог со Русија“, што било отстапка кон Рим.

Претходно денеска, Конте на Твитер напиша дека поддржува враќање на Русија.

Во Г-7 се и Јапонија, Канада и САД, а на состаноците присуствува и претставник на ЕУ.

Инаку главна тема на Самитот се зголемените царини на алуминиум и челик, воведени од САД.

На прес-конференцијата со канадскиот премиер Џастин Трудо, Макрон побара шесте земји да се спротистават на трговската хегемонија на САД. Макрон побара да не се инсистира на потпис од Трамп на завршната декларација по секоја цена, односно да не се направи тоа на штета на заедничките вредности.

На прашањето дали можеби проблемот е во тоа што на Трамп не му е грижа дали ќе биде изолиран, Макрон рече: Велите, на претседателот на САД воопшто не му е грижа. Можеби е така, но никој не е вечен. Шесте земји од Г-7 без САД се поголем пазар од американскиот.