Дваесет години по нападите од 11 септември

Дваесет години по нападите од 11-ти септември, САД допрвa сносат некои од последиците откако ја објавија нивната „војна против теророт“. Малкумина во Вашингтон гледаат на „вечната војна“ во Авганистан како триумфална победа. Сега, САД треба да бидат подготвени, бидејќи експертите предупредуваат дека наредниот напад може да дојде одвнатре, пренесува „Вашингтон пост“.

– Американците го поддржаа поранешниот американски претседател Џорџ Буш да се започне инвазијата врз Авганистан и војната против тероризмот, каде што талибанците им дадоа прибежиште на членовите на Ал каеда. За две децении, САД изградија мрежа од голем број бази во кои држеа, испрашуваа и мачеа осомничени исламистички екстремисти. За да се заштити себеси, Америка воспостави безбедносен механизам изграден врз кршење на човековите права – наведува американскиот весник.

Со текот на времето, Американците почнаа да го губат интересот за војната која се води во нивно име, војна во која животот го изгубија најмалку 900.000 лица, а ги чинеше САД околу осум трилиони долари. Но, наместо да помогне во неутрализирањето на заканата од исламистичкиот екстремизам, контратерористичките обиди на САД само повеќе го разгореа фанатизмот и отпорот во некои земји. Во Ирак, постапките на САД директно доведоа до поставување на темелите за формирање на Исламската држава.

Исто како и надвор од САД, и во внатрешноста на нивните граници дојде до големи промени. Војната против тероризмот доведе до проширување на американскиот апарат за безбедност.

– Реакцијата на американската влада не беше само серија случајни политики, туку длабока идеолошка конструкција што влијаеше врз целата наша политичка и правна култура. За да се соочат со заканата од тероризам, која навидум беше насекаде, невидлива и натчовечка, САД започнаа со изградба на „максимална безбедносна држава“ – изјави Бахер Азми, правен директор на Центарот за уставни права за „Тудејс ворлдвју“.

Патриотскиот закон беше донесен помалку од два месеци откако се случи нападот на 11 септември, со што на владата ѝ беа овозможени нови овластувања да ги следи и шпионира американските граѓани, што го отвори патот за неосновани шпионирања на телефонските повици и електронската пошта на голем број лица. Американската влада изгради глобален систем за надзор, овластен од тајните правни органи со капацитет да го следи целото население.

По настаните од 11 септември 2001 година, центарот на вниманието на Американците се сврте и кон муслиманите што живеат во САД. Целата исламска заедница беше стигматизирана, а муслиманските Американци се соочија со верско профилирање, расизам, дискриминација и мониторинг од страна на полицијата.

– Американската војна против теророт започната по 11 септември нѐ остави неподготвени за домашната закана, која расте од ден на ден. Ние мораме да се соочиме со можната опасност дека следниот 11 септември може да дојде одвнатре – вели за „Вашингтон пост“ поранешниот антитерористички службеник во Стејт департментот, Џејсон Блазакис.