Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, го повика британскиот премиер Борис Џонсон веднаш да поднесе оставка, откако Врховниот суд на Велика Британија пресуди дека суспендирањето на Парламентот на барање на Џонсон е незаконско.

Највисокиот британски суд во одлуката наведува дека е погрешно да се запре Парламентот да ги извршува своите обврски.

Џонсон во август соопшти дека работата на Парламентот ќе биде прекината до 14 октомври.

Како што тогаш беше соопштено од канцеларијата на премиерот, тој побарал од кралицата да го суспендира Парламентот до средината на октомври за да се намали можноста пратениците да го блокираат брегзитот без договор.

Сепак, Џонсон рече дека целта на суспензијата е да му се даде време да донесе нова законодавна агенда за брегзит.

Врховниот суд минатата недела одржа тридневно сослушување за случајот.