Американскиот претседател, Џо Бајден, кажа дека САД се враќаат на светската сцена и посочи дека дипломатијата се враќа во фокусот на американската надворешна политика, најавувајќи дека САД ќе ја укинат целата поддршка за офанзивните операции во Јемен и ќе назначат пратеник кој ќе се фокусира на долгогодишниот конфликт.

Тоа е една од неколкуте промени што тој ги најави во својот прв голем говор за надворешна политика по стапувањето на должноста, пренесува „Си-ен-ен“.

Бајден најави значителни промени во американската надворешна политика, вклучително и запирање на прераспределбата на војниците од Германија и зголемување на бројот на примени бегалци во САД.

Тој кажа и дека САД ќе ги обноват своите сојузи.


Ветување за поцврст став кон Русија

Американскиот претседател, Џо Бајден, ја осуди Русија за затворањето на опозицискиот лидер, Алексеј Навални, и вети дека ќе заземе поцврст став кон Русија отколку неговиот претходник, Доналд Трамп.

Бајден рече дека неговата администрација побарала целосно петгодишно продолжување на новиот договор за вооружување „СТАРТ“ со Русија за заштита на нуклеарната стабилност, но рече дека нема да се двоуми да се спротивстави на Русија на нејзините агресивни тактики.

Тој го критикуваше поранешниот претседател Трамп дека не се противел на рускиот претседател, Владимир Путин.

Бајден посочи дека САД ќе бидат поефикасни во справувањето со Русија во координација со сојузниците.

Тој директно ја обвини Москва за третманот на Навални и го нарече апсењето политички мотивирано.

– Тој треба да биде ослободен веднаш и безусловно – нагласи Бајден.