Умираме молчејќи

Додека секаде во светот корупцијата е главен генератор на протестите, кај нас останува само перцепција. Оставина од претходниот „режим“. И ништо повеќе. Затоа сме комотни со криминалот. За демократските слободи не станува збор, зашто сега сме ослободено општество. Зарем да се протестира против слободата и ослободителите?

Ние одамна не сме дел од глобализираниот свет. Ниту сме биле ниту ќе бидеме. Ние сме повеќе како земја што изгледа треба да биде заборавена. Со вакво темпо на самоукинување, наскоро ќе живееме во историјата на другите и митовите. Моментално хибернираме во некоја лимбо-состојба. И ништо не може да нѐ разбуди. Протресе. А толку работи ни се случија за толку кратко време. Историјата поминува и нѐ одминува, а ние молчиме не правејќи ништо.
Ја преспавме 2020 година, кога моќта на народот се излеа низ улиците низ светот. Година на масовни протести низ целиот свет. Глобализацијата на коронавирусот не ги спречи луѓето да протестираат, фокусирајќи се на основните прашања што го придвижуваа глобалниот протестен бран во последните години, како што се демократските слободи, правата на жените, расната правда, корупцијата, изборната манипулација и полициската бруталност. Белорусија, Киргистан, Либија, Иран, Хонгконг, Еквадор, Колумбија, Боливија, Чиле, Франција, Велика Британија, Шпанија, Чешка, Словачка, Русија, Алжир, Ирак, Судан, Јужна Африка, Индонезија, Папуа. Несомнено дека демократските слободи и корупцијата останаа силен мобилизатор и во авторитарните и во демократските земји.

На пример, неконтролираната корупција во Бугарија предизвика повеќемесечни демонстрации против владата на премиерот Бојко Борисов. Во Венецуела, системската корупција и заробувањето на државата продолжуваат да предизвикуваат протести против претседателот Николас Мадуро, кои се случуваат со прекини од 2014 година. Додека секаде во светот корупцијата е главен генератор на протестите, кај нас останува само перцепција. Оставина од претходниот „режим“. И ништо повеќе. Затоа сме комотни со криминалот. За демократските слободи не станува збор, зашто сега сме ослободено општество. Зарем да се протестира против слободата и ослободителите?
Замислете го незамисливото. Од перспективата на „нашата држава“. Пандемијата беше уште еден од клучните двигатели на протестите во 2020 година. Создаде нови активирања на протестот, бидејќи мерките на јавното здравство станаа предмет на политичка расправија, без разлика дали беа во форма на гнев поради блокирања, економско пропаѓање или лошо управување на Владата со јавната здравствена криза. Европа се појави како епицентар на движењето против мерките за борба со епидемијата на смртоносниот ковид-19 и наметнувањето строги затворања, физичко дистанцирање и налагање задолжително носење маски кога е можно. Владите насекаде во Европа се соочија со жесток повратен одговор од групите што се спротивставуваат на ваквите стратегии. Тоа е еклектичен спој на млади и стари, крајно десни, скептици антиваксери и теоретичари на заговор, кои нарекувајќи се себеси „странични мислители“, се дел од глобалниот феномен на оние што себеси се гледаат како бранители на индивидуалните слободи додека избегнуваат маски и им пркосат на мерките за социјално дистанцирање масовно да се соберат за каузата. Она што во Европа како бран на незадоволство се шири како пожар, кај нас е ерес. Кај нас е еретички да размислуваш поинаку, а не да се собереш да протестираш против стратегиите на Владата за борба со епидемијата. Особено кога ќе сфатиш дека и Владата да ти била дел од антиваксерите и не сакала да експериментира со народот вакцинирајќи го.

За жал, никогаш не ја научивме лекцијата слична на онаа што ја научија во Европа во 1989 година: ако излезат доволно демонстранти на улиците, тие може да станат неодолива сила за промена. Кај нас моќта на луѓето никогаш не изгледала како незапирлива сила. Малку од протестите во Македонија доведоа до јасни политички победи на демонстрантите. Зошто уличните протести никогаш ја немале потребната моќ за промени? Два тренда се чини дека се доминантни. Еден од нив е дека македонските авторитарните влади стануваа сѐ подобри во репресијата, успевајќи да ја усовршат и надградат онаа наследената од социјализмот. И, реално, дифузните цели на протестите кај нас го отежнуваа дефинирањето на успехот.
И покрај тоа што се наоѓаме во светска пандемија, стотици илјади луѓе низ светот излегоа на улиците во знак на протест против владините политики и смртта на невини цивили, обединети во борбата за правда. Универзалното барање за демократија, правичност и правда, како и сѐ друго, ја одмина Македонија. Додека светот е во фаза на будење, а трендот на глобалните протести продолжува, ние спиеме. Стануваме светски остров на глупоста и неспособноста, заборавен народ заробен во сопствената немоќ за промени. Затоа ќе продолжиме да умираме молчејќи.