Фото: Илустрација

Перуанската полиција заплени рекордни 2,2 тони дрога на брод чија цела посада била од Црна Гора. Како што пренесуваат црногорските медиуми, бродот „Карлота“ кој пловел под либериско знаме носел огромни количини на чист кокаин.

Според информациите од локалните медиуми во Лима, ниту еден од членовите на посадата не е уапсен, но капетанот на бродот е испрашан од полицијата.

– Во еден од контејнерите кои ги пренесувал овој товарен брод е откриени 1.851 пакет кокаин, со вкупна тежина од 2.202 килограми. Било планирано кокаинот да се истовари во Белгија – напишаа медиумите од Перу.

Според наодите, бродот тргнал од Чиле, преку пристаништето Калао во Перу, а крајната дестинација требало да биде Белгија, со Панама како попатна станица. Меѓутоа, полицијата, наводно, верува дека дрогата не е товарена во Чиле, туку во најголемото перуанско престаниште, каде што е и запленета.

Се смета дека Перу е најголем производител на кокаин после Колумбија, и земја од која најчесто се испраќа дрога во Европа, кадешто е далеку поскапа. Дополнително, според пишувањата на медиумите, познато е дека многу вработени на пристаништата во оваа јужноамериканска земја соработуваат со трговци со дрога.

Непотврдени извори на српски „Блиц“, со случајот го поврзуваат Зоран Јакшиќ (57), еден од лидерите на групата „Америка“ , кој во Перу е осуден на 25 години затвор за криумчарење на кокаин во Европа. Тој пред неколку месеци се обиде за избега од затворот, а локалната полиција верува дека токму тој е главниот нарко-бос за транспорт на течен кокаин во Европа и дека и понатаму има многу голема и разгранета мрежа на соработници.