Австрија ги отвора своите граници за вкупно 31 земја, меѓу кои не се Шведска, Велика Британија, Шпанија и Португалија, но ни земјите од Западен Балкан, објави денеска министерот за надворешни работи Александер Шаленберг.

– По отворањето на границите кон седум соседни земји, отвораме дополнително поглавје. Од вторник ги отвораме границите, односно ги укинуваме мерките на задолжителен карантин или ПЦР тест за 31 земја – сите земји на ЕУ, ЕФТА, Европската економска зона, со исклучок на Шведска, Велика Британија, Шпанија и Португалија – објасни тој на прес-конференцијата.

Запрашан за земјите од Западен Балкан, Шаленберг рече дека е свесен дека во Австрија живеат голем број граѓани со семејни врски во тој регион, но дека тие земји не се меѓу оние за кои отворањето на границата важи од 15 јуни.

– Во моментов во ЕУ има мерки за ограничување на патувањето во тие земји.Во тек се дискусии во ЕУ за постапувањето кон трети земји, а в петок Брисел ќе ги претстави основните параметри врз основа на кои ние ќе продолжиме да дејствуваме – објасни тој.

Говорејќи за Италија, тој вели дека границите со таа земја ќе бидат отворени од 15 јуни, но додава дека Министерството за надворешни работи ќе издаде предупредување за патување во Ломбардија.

Тој посочи дека Велика Британија, Шведска и Португалија се изоставени од повлекување на мерките за слободно патување, бидејќи развојот на бројот на инфекции не дозволува укинување на мерките.

Во исто време, тој ги повика Австријците да не заборават на совеста и разумот кога ги пакуваат своите куфери.

Пред да заминат на пат, вели тој, добро да размислат, затоа што сè уште има пандемија.