Портпаролот на „Етиопиен ерлајнс“ денеска изјави дека црната кутија од Боингот 737 Макс 8, кој се урна во неделата, ќе биде испратена на анализа во странство, но оти се уште не е одлучено во која земја.
Портпаролот Асрат Бегашав изјави дека Етиопија нема капацитети да ги анализира снимките од последните параметри на летањето и разговорите на пилотите од кабината, но оти етиопската компанија има широк спектар можности каде би можела да ја испрати црната кутија.
Авионот на „Етиопиен ерлајнс“ се урна во неделата шест минути после полетувањето од аеродромот во Адис Абеба кон Кенија, при што загинаа сите 157 патници и членови на екипаж.
Тоа беше втора несреќа со авион на Боинг од типот 737 Макс 8 во изминатите пет месеци.
Месеци пред несреќата во Етиопија, пилоти се жалеле на федералните власти во САД за авионот Боинг 737 Макс 8, објави „Њујорк пост“.
Поплаки поднеле пилоти кои биле на летови во октомври и ноември 2018 година и биле регистрирани во федералната база на податоци.
Сите преставки се однесуваат на „безбедносниот механизам“, кој беше наведен и во Прелиминарниот извештај за истрагата за несреќата во Индонезија во октомври.
Тие се однесувале на проблемите со авионот Макс 8, кој користи автопилот при полетување.
Пилотите велат дека авионот одеднаш без никаква причина при полетувањето понекогаш во вртел „носот“ кон земја.
– Фактот што овој авион бара толку работа за да биде во лет-состојба е дефинитивно предупредување, наведува еден од пилотите во жалбата.