Скопскиот шахист Миле Трајковски (1.944 рејтинг-поени, рангиран осми пред почетокот), триумфираше на првото Шаховско првенство на Скопје за ветерани, кое го организираше здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“, во соработка со Спортската федерација на слепи и слабовидни лица, а по повод 50 години од Шаховската олимпијада (ШО) во Скопје во 1972 година.

По седум одиграни кола со стандардно време на размислување, Трајковски освои 5,5 поени (четири победи и три ремија), второто место му припадна на ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубомир Илиќ (2.018, рангиран трет) со пет поени, колку што имаше и третопласираниот Слободан Цветковски (1.714, рангиран 13-ти), но со послаб дополнителен критериум.

На турнирот играа 20 шахисти од кои тројца од Спортската федерација на слепи и слабовидни лица. Наградниот фонд изнесуваше 31.000 денари, а на победникот му припаднаа 10.000.

Во последното седмо коло, кое се одигра денеска претпладне, се постигнаа следниве резултати: Цветковски – Трајковски реми, Стошевски – ФМ Илиќ 0-1, Крстев – Кралевски 0-1, Јаневски – Селковски 0-1, Сурловски – Костадиновски 0-1, ФМ Хаџи-Манев – Голубовиќ 1-0, Атанасовски – Топалов реми итн.
Г.И.