- УЦИ признава дека ноќните тестирања можат да ги нарушат одморот и закрепнувањето на возачите и сака да повтори дека спроведувањето такви контроли надвор од вообичаеното време останува исклучителна мерка, резервирана за ограничени и оправдани околности
Тестирањето за допинг на најголемата трка во велосипедизмот, Тур де Франс, е во центарот на вниманието (трката заврши вчера), по серијата ноќни антидопинг-тестови на најголемите имиња во овој спорт. Тадеј Погачар и неговиот главен ривал Јонас Вингегор беа тестирани среде ноќ. Вингегор се откажа од трката во следната етапа (по тешкиот пад), а некои веруваат дека неговиот нарушен сон можеби е причината. Пет тима наводно во 2026 година имале велосипедисти тестирани помеѓу 23 и 6 часот, пишува „Би-би-си“.
– Тестирањето во два часот наутро е еден од многу ефикасните начини за спречување на микродозирањето со пептиди и тестостерон. А ако УЦИ нѐ тестираше во 2001 година во два часот наутро? Сите ќе бевме суспендирани и ќе го спасевме спортот од 25 години драма – наведе на Икс Џонатан Вотерс, сегашен шеф на „Едукејшн Изипост“ и поранешен совозач на Ленс Армстронг, пренесе „Би-би-си“.
Други, вклучувајќи го и Синдикатот на велосипедисти (ЦПА), велат дека будењето на велосипедистите среде ноќ е потенцијално опасно и непотребно. Но управното тело на спортот, Интернационалната велосипедска унија (УЦИ), ги поддржа ноќните тестови и вели дека „борбата против допингот е апсолутен приоритет“. УЦИ признава дека ноќните тестирања можат да ги нарушат одморот и закрепнувањето на возачите, но, сепак, нагласува дека овие контроли служат на еден главен интерес – „борбата против допингот“, пишува „Би-би-си“. За Меѓународната агенција за тестирање (ИТА), која е одговорна за спроведување антидопинг-тестови во име на Интернационалната велосипедска унија, спроведувањето тестови среде ноќ е реткост, а многумина го опишуваат како необично.
Тестирањето помеѓу 23 и 6 часот е ограничено во Франција, а Меѓународната агенција за тестирање мора да побара дозвола за тоа од канцеларијата на парискиот јавен обвинител. Тестирањето би можело да помогне во борбата против микродозирањето. Тоа е местото каде што се внесуваат мали количества лекови за подобрување на перформансите, но влегуваат и излегуваат од системот на возачот во рок од неколку часа, оставајќи само краток период за откривање. Ако возачот знае дека има седумчасовен период каде што вообичаено не се тестира, некои веруваат дека тоа би можело да биде можност за микродозирање, пишува „Би-би-си“.
– Ако воведете доволно мала доза на пептиден хормон, времето на чистење може да биде четири часа. Ако го земете во 23 часот, ќе биде надвор од системот во 3 часот наутро, така што прави разлика. Ужасно е ако се случува постојано ноќе, но се случува еднаш или двапати годишно. Тоа е одлично средство за одвраќање. Една ноќ изгубен сон, но ќе стекнете многу кредибилитет – вели Вотерс.
Биолошкиот пасош на спортистот што го користи Светската антидопинг-агенција (ВАДА) е доволно софистициран за да ги открие навидум сите евидентирани недоследности.
– Добро е влијанието на тестирањето врз возачите што е можно повеќе да се минимизира. Сепак, Меѓународната агенција за тестирање, во име на Интернационалната велосипедска унија, има одговорност да обезбеди ефикасност на антидопинг-програмата. Како такво, ефикасното тестирање мора во ограничени и оправдани околности, да може да се одвива надвор од стандардните дневни часови – изјавија од Меѓународната агенција за тестирање за „Би-би-си“. Г.И.
































