Жежовска освои половина поен

ПОЕДИНЕЧНО ЕП ЗА ШАХИСТКИ

Младата, 15-годишна македонска репрезентативка Моника Жежовска (1.761, рангирана 126-та пред почетокот на турнирот) освои половина поен, а Ивана Манова (1.923, 115-та) и Катерина Петровска (1.907, 117-та) ги загубија своите партии во петтото коло на 23. поединечно Европско првенство (ЕП) во Петровац (Црна Гора), во силна конкуренција на 136 шахистки од 35 држави.
Жежовска со црни фигури против ЖФМ од Австрија, Елизабет Хапала (2.072, 97-та) во сицилијанска одбрана освои пион, кој, сепак, беше недоволен за победа и примирјето беше потпишано во 62-от потег. Манова со бели фигури загуби од ЖФМ од Словенија, Моника Шпалир (2.125, 83-та), а Петровска со црни фигури од Азербејџанката Лала Хусејнова (1.694, 131-та).
По пет од предвидените 11 кола, Жежовска е 113-та со 1,5 поен, Манова е 118-та, исто така со 1,5 поен, а Петровска е на 132-то место со половина поен. На врвот, на водечката Романка, ИМ Ирина Булмага (2.438, рангирана седма) ѝ се придружи ИМ од Полска, Оливија Киолбаса (2.406, 15-та), и двете со по 4,5 поени, а потоа се осум шахистки со по четири поени. Првите деветтопласирани ќе обезбедат настап на Светското првенство годинава. Г.И.