Босна и Херцеговина
Американскиот дипломат Луис Кришок официјално ја презеде функцијата вршител на должноста висок претставник во Босна и Херцеговина, наследувајќи го досегашниот шеф на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), Кристијан Шмит. Одлуката ја донесе Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот (ПИЦ), кој го именуваше Кришок за привремен носител на функцијата до изборот на нов висок претставник.
Насоката на дејствување на ОХР нема да се менува
Промената на чело на ОХР доаѓа по долгогодишната политичка криза предизвикана од непризнавањето на мандатот на Кристијан Шмит од страна на Република Српска. Властите во Бања Лука тврдеа дека неговото именување не било потврдено од Советот за безбедност на Обединетите нации, што, според нив, го прави неговиот легитимитет спорен. Овој спор во изминатите години прерасна во сериозен институционален конфликт меѓу ОХР и раководството на Република Српска, а кулминираше со заминувањето на Милорад Додик од функцијата претседател на Република Српска.
По преземањето на должноста, Кришок изјави дека му претставува чест што Управниот одбор на ПИЦ му ја укажал довербата и најави дека ќе го извршува мандатот во согласност со Општиот рамковен договор за мир, односно Дејтонскиот мировен договор, како и со овластувањата што му припаѓаат на високиот претставник.
– Насоката на дејствување на ОХР нема да се менува. Продолжуваме да се фокусираме на зачувување на мирот и стабилноста, поддршка на институциите на Босна и Херцеговина и обезбедување целосно почитување на Дејтонскиот мировен договор и уставниот поредок на земјата – истакна Кришок во првата изјава по стапувањето на должност.
Неговиот претходник Кристијан Шмит му ја честиташе новата функција и му посака успех во извршувањето на обврските што му се доверени.
Преседан со именувањето на Кришок?
Управниот одбор на ПИЦ, при именувањето на Кришок, соопшти дека станува збор за привремено решение и изрази надеж дека договор за избор на нов висок претставник ќе биде постигнат во најкус можен рок.
Според информациите објавени од сараевските медиуми, за време на седницата на Управниот одбор на ПИЦ не бил постигнат консензус околу изборот на нов висок претставник. Соединетите Американски Држави останале на ставот дека функцијата треба да му припадне на италијанскиот дипломат Антонио Занарди Ланди, додека повеќето европски членки на Советот, пред сè Франција, Германија и Велика Британија, го поддржувале францускиот дипломат Рене Троказ.
Со назначувањето на Кришок за вршител на должноста висок претставник се прави преседан во историјата на ОХР. Тој е првиот американски дипломат што ќе ја извршува оваа функција, имајќи предвид дека досега непишано правило беше високиот претставник да доаѓа од европските земји, додека неговиот заменик традиционално беше претставник на САД.
Кој е Луис Кришок?
Кришок е висок функционер на американската дипломатска служба со долгогодишно меѓународно искуство. Пред да пристигне во Босна и Херцеговина во август 2024 година како прв заменик на високиот претставник и супервизор за Брчко, бил советник во Службата за надворешни работи на САД. Претходно работел како постојан соработник на Стејт департментот во институтот „Полар“ при меѓународниот центар за научници „Вудро Вилсон“ во Вашингтон, а од 2021 до 2023 година ја извршувал функцијата висок американски претставник за Арктикот.
Неговата дипломатска кариера опфаќа и раководни должности во странство, меѓу кои генерален конзул на САД во Владивосток, Русија, како и вршител на должноста шеф на американската дипломатска мисија во Гренада. Пред ангажманот во американската дипломатија, предавал социологија на Уралскиот државен универзитет и бил заменик-директор на Проектот за граѓанско образование во Русија.
По образование е дипломиран теолог, а магистер по социологија. Дипломирал и на престижната Ајзенхауерова школа за национална безбедност и стратегија на ресурси при Универзитетот за национална одбрана на САД, каде што студирал енергетика. Покрај англискиот, поседува работно познавање на босанскиот, српскиот, хрватскиот, украинскиот и на рускиот јазик. Р.С.

































