Втора победа на Манова во низа

На три кола до крајот промена на врвот, водат Русинката Малтсевскаја и Грузијката Арабидѕе

ШАХ – 23. ПОЕДИНЕЧНО ЕП ЗА ЖЕНИ

Македонската надежна репрезентативка Ивана Манова (1.923, рангирана 115-та пред почетокот на турнирот) ја оствари и втората победа во низа на 23. Европско поединечно првенство (ЕП), кое се игра во Петровац (Црна Гора) со 136 шахисти од 35 држави. Таа во осмото коло со бели фигури ја надигра Турчинката Ѓул Басари (1.524, 132-та), во сицилијанска одбрана (48 потези), откако остана со четири пиони повеќе. Другите две Македонки доживеаја пораз. Катерина Петровска (1.907, 117-та) со бели фигури во сицилијанска одбрана загуби од ЖФМ од Словенија, Петра Кејзар (2.128, 81-та) во 29-от потег, откако се најде пред материјални загуби. Моника Жежовска (1.761, 126-та), исто така со бели фигури, загуби од Русинката, ЖФМ Алена Сквортсова (2.032, 104-та) во 37-от потег, откако во отворањето загуби квалитет, а во завршницата остана со пион помалку.
По осмото коло, Манова е 99-та со 3,5 поени (плус 10,6 р.п.), Жежовска е на 127-то место со два поена (плус 40,8 р.п.), додека Петровска е 129-та исто така со два поена (минус 40,8 р.п.). На три кола до крајот на врвот станува возбудливо. Сега во водство избија ИМ од Полска, Александра Малтсевскаја (2.388, рангирана 20-та) и ИМ од Грузија, Мери Арабидѕе (2.433, рангирана деветта), и двете со по 6,5 поени. Арабидѕе на првата табла ја победи дотогаш водечката, ИМ од Полска, Оливија Киолбаса (2.406, 15-та). Прворангираната на ЕП, ВМ од Грузија, Бела Котенашвили (2.491), беше подобра од актуелната европска шампионка Моника Сочко (2.432, рангирана четврта). Дури шест шахистки имаат по шест поени. Г.И.