Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нема ден да помине без некаков скандал во здравството, било да станува збор за некаков сомнителен тендер или, пак, за фрлени пари во ветер поради неисполнети обврски, но она што дава многу темен и неоптимистички тон е фактот што зачестија деновите во кои некое семејство е завиено во црно поради некакви пропусти направени низ многубројните лавиринти на здравствените институции, без притоа некој да преземе каква било одговорност!

Македонскиот здравствен систем на апарати за реанимација

Македонското здравство никако да почне да функционира како во секоја нормална држава, па наместо состојбите да почнат да се средуваат, јавноста е сведок на постојано зголемување на црната статистика.
Починување на пациенти под неразјаснети околности, извадени органи по грешка, смртоносни бактерии во операционите сали, долги листи на чекање за операции, погрешни дијагнози, задолжителен поткуп, недоволно остручен кадар, немање лекови за животно загрозени пациенти, дотраени објекти, чекање за обичен преглед со месеци се најкраткото сиже со кое може да се опише состојбата на македонскиот здравствен систем.
Министрите за здравство се менуваат како на филмска лента, реформите тапкаат во место, а она што останува константа, тоа де хаосот и непреземањето одговорност. Впрочем, за состојбата во здравството најдобро говори и податокот дека за време на пандемијата на ковид Македонија беше меѓу земјите со најголема смртност токму поради лошиот здравствен систем.
Ситуацијата не е подобра ниту сега. Нема ден да помине без некаков скандал во здравството, било да станува збор за некаков сомнителен тендер или, пак, за фрлени пари во ветер поради неисполнети обврски, но најстрашно е што зачестија деновите во кои некое семејство е завиено во црно поради некакви пропусти направени низ многубројните лавиринти на здравствените институции, без притоа некој да преземе каква било одговорност.
Во анкета со повеќе стотици граѓани изминативе денови на повеќе локации пред институциите за јавно здравство, добивме речиси идентични одговори.
– Јавното здравството ни е во исклучително лоша состојба. Не дај боже човек да влезе таму. За обичен преглед ми закажаа дури по два месеца, а за тоа време ниту знам дали треба да пијам некакви лекови и што воопшто да правам, бидејќи чувствувам дека не сум добра со здравјето. Јас сум сама, со една пензија, и за жал немам пари да одам по приватни клиники за преглед, така што чувствувам дека никој надлежен не се грижи за нас – вели Љубица Крстева, пензионерка од Скопје.
За жал, повеќето соговорници не сакаа да го кажат своето име пред новинарската екипа, но сите беа расположени да ја кажат својата вистина.
Соговорник што исто така посака да остане анонимен ја раскажува својата голгота низ скопските клиники, каде што неколку месеци бил препраќан од врата на врата без да добие некаква прецизна дијагноза.
– Бев кај еден доктор поради болки во десната нога. Тој, без нешто посебно да ме прегледа, ми вели мислам дека е некаква венска болест, друг смета дека срцето ми е ослабено, трет веќе ни самиот не знам што ми кажа, буквално кажуваат дијагнози како да се на квиз. Замислете како му е на секој пациент во тие валкани полутемни ходници, додека чека загрижен и со мисла дали ќе го примат денес или не. Зарем за вакво здравство одвојувавме од платите – прашува соговорникот.
Друг, пак, ги објаснува својата болничка приказна и искуството што го имал при закажување операција.

– Ако сакаш работите да одат побрзо, треба да подготвиш подебел коверт. За виски, кафе, бонбониери и слично, воопшто и да не зборувам. Дотолку е корупцијата навлезена во здравството, што едноставно ако човек нема пари, ќе биде оставен сам на себе. Затоа повеќе за болните се грижат нивните роднини, кои секој ден по болниците им носат храна, седат до нивните болнички кревети, ги негуваат, се грижат за нивната хигиена, наместо тоа да го прават оние што се платени за тоа. Ќе кажам само еден збор за да ја опишам целата ситуација – катастрофа – истакнува соговорникот.
Упатените во состојбите сметаат дека ваквата состојба во здравството се провлекува со години и дека работите се движат во несакана насока, кон целосен крах на системот.
– Нема реална и суштинска промена, нема нови програми, туку само кадровски промени, кои во поголем дел ја продолжуваат штетната политика во работењето на своите претходници. Доколку не се реагира соодветно, последиците може да бидат посериозни, а крахот би бил неизбежен – предупредуваат луѓето од фелата.
Според нив, ваквите катастрофални состојби се токму главната причина (не егзистенцијалната) за многу доктори и медицински лица од јавното здравство едноставно да ја напуштат земјата и истата работа, но со многу помало ниво на стрес, да си ја побараат во странство.
– Избегаа сите доктори. Некои отидоа во приватниот сектор, но повеќето во странство, каде што условите за работа се нормални. Доктори ни избегаа во Словенија, во Италија, во Германија… Кај нас здравството е до таа мера партизирано, што едноставно никогаш нема да помине ниту една реформа ако партиите немаат некаква бенефиција од тоа. Затоа немаме ниту опрема по болниците, со исклучок на онаа што ни ја донираат странците. Некогаш ми е срам што сум лекар – револтирано реагира стручната фела.
Она што е евидентно е дека црната статистика продолжува да се полни, одговорност нема од никого, а здравствениот систем е на работ на колапс. За неговата нефункционалност најдобра илустрација беше неодамнешниот хакерски напад врз системот на Фондот за здравство, кога само за еден миг прекина целиот здравствен синџир, почнувајќи од пропишување лекови кај матичните, закажување прегледи, преку операции на клиниките и воопшто исплата на плати на вработените.
Ако политикантството веднаш не се тргне и од здравството, тогаш граѓаните имаат целосно право да прашаат каде завршиле нивните пари што сиве овие години ги уплаќале во Фондот за здравствено осигурување за да добијат здравствена грижа. Некој конечно треба да даде одговор на овие прашања.