Се надеваме дека и овој пат ќе се прикажеме во најдобро светло и како организатори и со нашиот јуниорски тим. Веруваме дека со резултатите ќе го афирмираме џудо-спортот во земјава, вели м-р Миодраг Стојановиќ, потпретседател на македонската Џудо-федерација. Вториот Европски јуниорски џудо-куп ќе се одржи од 9 до 11 август во Скопје. Од Џудо-федерацијата на Македонија ги покануваат сите вљубеници во боречките спортови масовно да го посетат Европски џудо-куп во Скопје. Влезот е бесплатен
Македонската Џудо-федерација го подготвува вториот Европски јуниорски џудо-куп, кој ќе се одржи од 9 до 11 август во Скопје.
– Со задоволство можеме да кажеме дека афирмација на џудото е во добиената организација на Европскиот јуниорски џудо-куп. Минатата година учествуваа 223 џудисти од 29 земји, меѓу кои и од Америка, Канада, Израел и Саудиска Арабија. Годинава досега се пријавени 220 учесници од 25 земји. Пријавувањето е во тек. Поради добрата организација и највисоките оценки што ги добивме од Европската џудо-федерација и од Светската џудо-федерација, продолжуваме со организација на овој јуниорски куп, но и на Европското кадетско првенство во 2025 година – вели м-р Миодраг Стојановиќ, потпретседател на македонската Џудо-федерација.
Активностите се должат, вели тој, на добрите организациски способности на федерацијата, како и лобирањето на претседателот Владимир Трпаноски и управата на федерацијата.
– Се надеваме дека и овој пат ќе се прикажеме во најдобро светло и како организатори и со нашиот јуниорски тим. Веруваме дека со резултатите ќе го афирмираме џудо-спортот во земјава – додава Стојановиќ.
Подготовките се во пресрет на Летните олимписки игри (ЛОИ), по испраќањето на нашиот претставник, џудистот Еди Шерифовски (категорија до 81 килограм), кој гордо ќе нѐ претставува во Париз.
Од Џудо-федерацијата на Македонија ги покануваат сите вљубеници во боречките спортови масовно да го посетат Европскиот џудо-куп во Скопје. Влезот е бесплатен.
– Ќе можат да уживаат во џудо-спектакл и да осознаат повеќе за овој древен јапонски спорт, кој во земјава е присутен уште од раните шеесетти години од минатиот век – велат од федерацијата. Н.М.