Ова правило го следи долгорочниот развој во кој технологијата на воздушни перничиња, развиена во Мото-ГП, е внимателно приспособена на уникатната динамика на алпското скијање
АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ФИС
Воздушните перничиња треба да бидат задолжителни на сите трки во спуст и во супервелеслалом во Светскиот куп и во Континенталниот куп од идната сезона во алпското скијање, објави Интернационалната скијачка федерација (ФИС), по состанокот на Комитетот за алпско скијање. Ова правило го следи долгорочниот развој во кој технологијата на воздушни перничиња, развиена во Мото-ГП, е внимателно приспособена на уникатната динамика на алпското скијање.
Сегашните системи на воздушни перничиња се паметни уреди, кои се активираат пред ударот, примарно заштитувајќи го целото торзо. Над 7.000 трки, вклучувајќи и повеќе од 300 теста со инцидент, ја потврдија веродостојноста на оваа технологија, пишува ФИС. Вкупно 210 воздушни перничиња се активирани за време на трки или официјални тренинзи, а повеќе од 200 скијачи учествуваа во развојната фаза.
Во дополнителното ажурирање поврзано со безбедноста, тврдите штитници внатре и надвор од скијачките чевли повеќе не се дозволени. Утврдено е дека тие ги менуваат механичките својства на чевлите за скијање и ги зголемуваат безбедносните ризици. Отсега е дозволена само мека облога целосно интегрирана во чевлите за скијање, а заштитните елементи не смеат да ја менуваат анатомската форма на телото или да ја загрозат функцијата на скијачките чевли, пишува ФИС.
Сезоната во Светскиот куп треба да има по 37 трки за мажи и за жени што ќе се одржат пред и по Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Италија в година. Сезоната треба да почне, како што стана традиција, со велеслаломските трки во Зелден (Австрија), а финалето на Светскиот куп треба да се одржи во Лилехамер (Норвешка). Комитетот го поздрави дебито на тимската комбинација на Светското првенство во Залбах годинава, нарекувајќи го „успешен и иновативен формат“, и се очекува да има деби и на ЗОИ.
Сите предлози и промени на правилата од состанокот на Комитетот се предмет на одобрување од Советот на ФИС во јуни, пишува ФИС. Н.М.