Бројот 1 е резервиран за актуелниот светски првак / Фото: ЕПА

Претходно броевите на возачите беа доделени врз основа на пласманот на секој тим во првенството од претходната година. Во 2014 година тој систем беше променет, на возачите им е дозволено да изберат број од 2 до 99 што ќе им остане во текот на нивната кариера во Формула 1, а бројот 1 и понатаму е резервиран за актуелниот светски првак. Една четвртина од возачите годинава се дебитанти, па има неколку нови бројки на кои треба да се внимава на патеката, пишува Ф1

Со оглед на тоа што почетокот на сезоната е сѐ поблиску, броевите на возачите се потврдени во пресрет на уште едно возбудливо првенство во Формула 1 (Ф1), а уште повеќе имајќи предвид дека една четвртина од возачите во 2025 година ќе биде составена од дебитанти, има неколку нови бројки на кои треба да се внимава на патеката, вклучувајќи и некои што претходно ги имаа некои многу успешни претходници, пишува Формула 1.
Претходно броевите на возачите беа доделени врз основа на рангирањето на секој тим во првенството од претходната година. Меѓутоа, во 2014 година тој систем беше променет, со тоа што на возачите им беше дозволено да изберат број што ќе им остане во текот на нивната кариера во Формула 1. Тоа правило беше донесено за да помогне да се зголеми личното брендирање на возачите, како и да им се овозможи на гледачите да ги идентификуваат своите омилени возачи во повеќе сезони, без разлика за кој тим ќе се тркаат.
На пример, Луис Хамилтон стана синоним за неговиот број 44, бројот што го користеше и во картингот, а во 2021 година седумкратниот светски шампион ја основа „Мисија 44“, добротворна организација што се залага за поголема застапеност, различност и вклучување во мотоспортот, пишува Ф1.
На возачите во Ф1 им е дозволено да изберат број помеѓу 2 и 99, кои остануваат нивни за време на нивната кариера во спортот. Ако го напуштат спортот, тогаш нивниот број останува резервиран две сезони, спречувајќи ги сите новодојденци во тој период да го изберат.
Бројот 1 и понатаму е резервиран за актуелниот светски шампион, иако возачите не се обврзани да го користат. Актуелниот четирикратен првак Макс Ферстапен се трка со бројот 1, но Холанѓанецот го имаше бројот 33 пред да стане шампион првпат во 2021 година.
Причините поради кои возачите ги избираат своите броеви може да бидат апсолутно сѐ и сешто. На пример, Шарл Леклер го има бројот 16 затоа што првично сакаше број седум или 10, но и двата беа зафатени.
– Го одбрав бројот 16 бидејќи еден плус шест е седум и јас сум роден на 16 октомври – изјави тој за својот избор.
За двократниот светски шампион и актуелен член на Астон Мартин, Фернандо Алонсо, неговиот број 14 носи посебни спомени.
– Кога имав 14 години, на 14 јули и со картингот број 14 бев светски шампион. Од тој момент не се сомневав дека 14 е мојот број – рече тој.
Листа на возачи со нивните броеви за сезонава: Џек Дуан 7 и Пјер Гасли 10 од Алпине, Фернандо Алонсо 14 и Ленс Строл 18 од Астон Мартин, Шарл Леклер 16 и Луис Хамилтон 44 од Ферари, Естебан Окон 31 и Оливер Бирман 87 од Хас, Габриел Бортолето 5 и Нико Хулкенберг 27 од Заубер, Ландо Норис 4 и Оскар Пјастри 81 од Мекларен, Андреа Кими Антонели 12 и Џорџ Расел 63 од Мерцедес, Исак Хаџар 6 и Јуки Цунода 22 од Рејсинг Булс, Макс Ферстапен 1 и Лиам Лосон 30 од Ред Бул, Алекс Албон 23 и Карлос Саинц 55 од Вилијамс. Од актуелните броеви, на пример, претходно Кими Раиконен го имаше бројот седум, Себастијан Фетел возеше со бројот пет, Џенсон Батон со 22… Н.М.