Во Скопје, во населбата 11 Октомври, неодамна почна да се гради првиот и единствен шаховски мегапарк во Македонија.
– Почнавме со изградба на првиот и единствен Парк на шахот во Македонија, кој ќе опфаќа површина од 4.000 квадратни метри и ќе биде во населбата 11 Октомври. Идејата произлезе од заедничкиот разговор со претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Саша Богдановиќ. Паркот ќе понуди едно дополнително шаховско поле за одржување натпревари и уште едно за рекреативно дружење за сите жители од седум до 77 години, она што всушност му недостига на градот – напиша на социјалните мрежи градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Според Ѓорѓиевски, паркот ќе биде опремен со урбани содржини, многу зеленило, ќе биде осветлен, а ќе има и 15 шаховски табли.
– Петнаесетте професионални шаховски табли ќе бидат наменети за одржување натпревари од локален, регионален и меѓународен карактер, со еден збор ова ќе биде центарот на шахистите во Македонија, а како круна на сето ова ќе стои споменик од кралот и кралицата. Нешто слично на ова постоело во Градскиот парк во Скопје за време на одржувањето на Шаховската олимпијада во 1972 година, но не како шаховски парк, туку само како импровизирани полиња што служеле за потребите на натпреварите. Шаховскиот парк ќе биде од голема полза и за учениците, бидејќи шахот веќе е изборен предмет во училиштата и тука ќе можат да се дружат и да играат. Шахот е глобална игра што промовира правичност, инклузивност и меѓусебно почитување, придонесува за поголема толеранција и разбирање меѓу луѓето и токму затоа, ова ќе биде уште едно културно собиралиште во Кисела Вода – напиша, меѓу другото, Ѓорѓиевски на социјалните мрежи, а пренесе ШФМ на својата интернет-страница. Г.И.