ЏУДО
- Мојата првична оценка е дека меѓународниот џудо-експерт Георге поставува добра база за начин на тренинг, која бара спортисти со високи перформанси од повозрасните категории. Ова е одлична можност да се направи селекција на спортисти што имаат реална цел за повисоки достигнувања во џудо-спортот, вели спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски
Во Прилеп викендов се одржа првата заедничка Регионална тренинг-сесија предводена од интернационалниот џудо-експерт од Романија, Дани Георге, наменета за џудисти од возрасните категории – кадети, јуниори и сениори. На тренингот, а по покана на експертот, учествуваа џудисти од повеќе клубови од Прилеп, Кавадарци, Битола и од Ресен, со што беше создадена можност за заедничка работа, размена на искуства и согледување на моменталната состојба и потенцијалот на македонските џудисти од овој регион. Оваа прва сесија имаше особено значење, бидејќи Георге преку директна работа со натпреварувачите направи првична процена на нивото, потребите и можностите за понатамошен развој, врз основа на која ќе бидат подготвени план и програма за работа во наредниот период.
– На последната тренинг-сесија од Џудо-кампот во Скопје по успешно завршениот Европски јуниорски куп (ЕП), Георге Дани предложи и повика на заеднички регионален тренинг, кој и се одржа во Прилеп, околу 25 џудисти од неколку клуба од регионот. Лично сум задоволен од првичниот одзив на џудистите, ако се земе предвид дека ќе може да сметаме на уште неколку квалитетни џудисти, кои поради оправдани причини, како на пример користење семејни летни одмори, не присуствуваа. Моја првична оценка е дека интернационалниот џудо-експерт Георге поставува добра база за начин на тренинг, која бара спортисти со високи перформанси од повозрасните категории. Ова е одлична можност да се направи селекција на спортисти што имаат реална цел за повисоки достигнувања во џудо-спортот. Првичниот план на Георге е да ја продолжи сесијата заеднички тренинзи во регионот, а во понатамошниот период, во согласност со програмата што ја изготвува, секако својата работа ќе ја продолжи и во другите региони и џудо-центри низ Македонија – ни изјави спортскиот директор на ЏФМ и тренер на ЏК Сеишин од Прилеп, Дејан Мицкоски.
Да потсетиме дека по успешно завршениот Европски јуниорски куп во џудо, кој минатата недела се одржа во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје и на кој беа видени многу квалитетни борби, следуваше и тридневен џудо-камп, на кој учесниците остварија заеднички борби и тренинзи со техничко-тактичка подготовка, како и размена на искуства со репрезентативци од цела Европа под водство на нивните национални тренери.
– Пред оваа прва Регионална тренинг-сесија, успешно заврши и тридневниот тренинг-камп за јуниори и јуниорки во Скопје, кој од наша страна беше одлично организиран со голем број учесници (џудисти и тренери), кои пред заминувањето не го криеја своето задоволство од квалитетот, начинот на неговото спроведување, целокупната организација, како и условите што ги стави на располагање Џудо-федерација на Македонија. Најбитно e што сѐ се заврши без ниту една сериозна повреда, така што џудистите ги продолжуваат своите подготовки за наредните џудо-настани од повисок ранг – дополни Мицкоски.
Во следниот период продолжуваат интензивните заеднички тренинг-сесии насочени кон унапредување на техничко-тактичката и физичката подготвеност и кон создавање подобри услови за развој на македонските џудисти и нивните натпреварувачки резултати. Заедничката работа, знаењето и искуството, секако дека претставуваат темел македонско џудо да биде уште поквалитетно. Г.И.
































