Борбена игра: ФМ Антон Златков / Фото: „Нова Македонија“

ШАХ – ЗАВРШИ ЕП ЗА ЈУНИОРИ

  • Златков заврши на местото на кое беше рангиран пред почетокот на ЕП, со 5,5 поени (четири победи, три ремија и два пораза)

Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ), репрезентативец и член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, Антон Златков (2.389 рејтинг-поени), го освои 12-то место на Европското првенство (ЕП) за јуниори (до 20 год.), кое во девет кола се играше во Цетиње (Црна Гора). Златков заврши на местото на кое беше рангиран пред почетокот на ЕП, освојувајќи 5,5 поени (четири победи, три ремија и два пораза), играчки перформанс од 2.404 поени и освоени нови 4,6 р.п. Притоа одигра вкупно 542 потези (60 во просек по партија) против еден ВМ, двајца ИМ, четворица ФМ и двајца шахисти без рејтинг. Во последното коло, Златков ремизира во 77-от потег против ИМ од Ерменија, Арсен Давтјан (2.458, рангиран петти). Вториот македонски претставник, членот на ШК Капабланка, Мајкл Бурнс (2.217), од здравствени причини го напушти ЕП по четвртото коло.
Златниот медал кај момчињата го освои единствениот ВМ на ова ЕП, Јахли Соколовски (2.541) од Израел со седум поени, во конкуренција на 68 шахисти (два ВМ, 10 ИМ, 27 ФМ) од 33 држави. Кај шахистките, пак, меѓу 43 учеснички (еден ИМ, четири ЖИМ, еден ФМ, 14 ЖФМ) од 26 земји, победи првата фаворитка, ИМ од Холандија, Елине Роеберс (2.371) со 7,5 поени. Г.И.