Роберт Велески

На овој турнир покажавме дека Македонија има силни млади талентирани шахисти, кои знаат како да се натпреваруваат и знаат што е тоа успех, вели Димковски, кој го освои осмото место на турнирот

ПО ГОЛЕМИОТ УСПЕХ НА ТУРНИРОТ ВО СРБИЈА

Македонската осумчлена шаховска експедиција се претстави во светло издание на отворениот турнир во класичен шах „Параќин 2022“, во рамките на Шаховскиот фестивал на тој град, на кој настапија 97 шахисти (осум ФМ) од 17 држави, од кои некои шаховски велесили (Русија, Индија, Азербејџан, Казахстан, Србија…). Во пласманот на првите 10 имаше дури тројца Македонци, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Роберт Велески (2.111 рејтинг-поени) беше втор со седум поени, МК Антон Златков (2.014) беше шести, а МК Стојанчо Димковски (1.968) беше осми, двајцата со по 6,5 поени.
– Бевме мала, но одбрана екипа шахисти што одиграа добро на турнирот. Сите оставија солиден впечаток, а посебно младиот Златков, кој мошне брзо напредува и сметам дека тој е иднина на македонскиот шах. Добро одиграа и Димковски, Теодор Јовановски и другите, а во првите три кола и Моника Жежовска, која на стартот имаше три поени од три партии. Од странските шахисти, посебен впечаток ми остави Индиецот Харшал Патил, кого го победив, како и победникот на турнирот, кој се карактеризира со агресивен стил на игра, со кого ремизирав во последното коло, откако двапати ми понуди реми. Задоволен сум од постигнатиот успех, ако се знае дека во четвртото коло со Емануел Лазиќ од БиХ имав пех, кога добиена позиција не успеав да ја преточам во победа, па дури на крајот и загубив. Организацијата на турнирот беше одлична, нешто слично како на нашиот турнир „Опен Карпош“ – ни изјави Велески.
Од другите македонски шахисти, Теодор Јовановски (рејтинг 1.740) е 11-ти со шест поени, Моника Жежовска (1.376) е 38. со 4,5, Давид Николовски (1.667) е 52. со четири, Инџи Ајрадиноска (1.174) е 72. со три, а МК Матеј Звездакоски (1.921) е 94-ти со 1,5 поен, но одигра само две кола.

– Задоволен сум од прикажаната игра и од тоа што успеав да ја продолжам традицијата од минатите години за пласман во првите 10 шахисти на овој силен меѓународен турнир. Играв солидно и позиционо и главно успевав да ги искористам своите можности. По двете победи на стартот, ја имав честа да играм против годинашниот победник на турнирот, Урош Цветановиќ (2.248 рејтинг-поени), кого успеав да го надиграм, но во цајтнот ја испуштив предноста и партијата заврши реми, а веќе во следното коло играв со Азербејџанецот Руслан Абдулајев (1.308), кој играше премногу цврсто, со што и таа партија заврши без победник. Ова е само доказ за тоа колку рејтингот не е важен показател и колку сите противници знаат да изненадат. Особено ми е драго што секој од македонските претставници имаше одличен турнир, тројца завршивме меѓу првите 10, а другите или добија специјални награди или имаа голем број добиени рејтинг-поени, дури и над 150, што е навистина импресивно. Во секој случај, беше прекрасно да се гледаат македонската шаховска доминација во центарот на Србија и нашите знаменца истакнати напред на првите шаховски табли. За силината на турнирот говори и фактот што на него играше и Русинот Артем Лебедев, кој во категоријата до осум години бил светски првак. Златков успеа да го победи, а јас ремизирав. На овој турнир покажавме дека Македонија има силни млади талентирани шахисти што знаат како да се натпреваруваат и знаат што е тоа успех – вели Димковски.