Турнејата на шампионите „Мелтвотер“ и првенство „Чес“ се обединуваат. Овој огромен настан треба да почне на 6 февруари и ќе трае цела година, со шест турнири, кои ќе кулминираат со едно финално првенство и комбиниран награден фонд од два милиони долари
НОВО ШАХОВСКО ВОЗБУДУВАЊЕ
Шаховска турнеја на шампиони „Мелтвотер“ и глобалното првенство на познатиот шаховски интернет-сајт „Чeс“ ќе се здружат во 2023 година, за да формираат една обединета шаховска серија, во онлајн натпревари во брз шах, соопшти „Чес“. Овој огромен настан треба да почне на 6 февруари и ќе трае цела година, со шест турнири, кои ќе кулминираат со едно финално првенство и вкупен награден фонд од два милиони долари. Љубителите на древната игра можат да го очекуваат учеството на актуелниот светски шампион во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, веројатно најдобриот играч на сите времиња, како и победник на последната шаховска турнеја на шампионите „Мелтвотер“, но и присуството на други играчи од шаховската елита.
Карлсен ја освои оваа шаховска серија на шампионите, а Американецот Весли Со го освои глобалниот шампионат на „Чес“ во 2022 година. Оваа возбудлива нова серија ќе му даде шанса и на секој играч да учествува. Шесте настани што водат до финалето на шампионатот ќе имаат квалификации отворени за играчи со титули и најдобрите шахисти на листата на табелите на „Чес“. Серијата настани е резултат на неодамнешната аквизиција на „Чес“ со „Плеј магнус групата“. Во 2022 година, „Чес“ и „Плеј Магнус групата“ одржаа два многу популарни настани, глобалното првенство на „Чес“, на кое можеше да учествува секој, и шаховската турнеја на шампиони на „Мелтвотер“. Форматот на нокаут-системот, поврзан со систем за тајбрејк со т.н. армагедон, создаде совршена средина за многу драматично натпреварување. Финалето во живо на настанот одржан во Торонто го издигна првенството на сосема ново ниво. Сега, двете компании работат заедно за да ги комбинираат најдобрите карактеристики на двата натпревара. Овој нов настан ќе биде масовен, со кохезивен едногодишен распоред и најголем награден фонд во онлајн шаховската историја на натпревари.
– Исклучително сме горди на сето она што го постигна „Мелтвотер“ во претходните години за играчите и за партнери низ светот. Со нетрпение очекуваме да ги комбинираме нашите напори со „Чес“, за да ги создадеме најпривлечните и најиновативни шаховски настани досега – изјави директорот на турнејата на шампионите на „Мелтвотер“, Арне Хорвеи, за интернет-страницата на „Чес“.
Слично размислува и претставникот на „Чес“.
– Многу сум возбуден поради оваа нова серија и што значи тоа за иднината на професионалните шаховски натпреварувања. Со модернизиран формат, појасен распоред и можност секој да се квалификува и да игра на првенството, овој настан ќе биде огромен чекор напред за натпреварувачкиот шах – рече Мајкл Бранкато, потпретседател за Еспортс на „Чес“.
Слично на шаховската турнеја на шампионите на „Мелтвотер“, ова ќе содржи серија од шест настани што ќе кулминираат со финалето. Шесте турнири ќе се одржат во текот на целата година, и тоа првиот во февруари, а потоа и во април, мај, јули, август и во септември.
Секој од шесте настани ќе има квалификациски систем, давајќи им на професионалните играчи повеќе шанси да учествуваат на елитните турнири. Секој велемајстор може да игра во квалификациите, како и секој што е на листата со најдобри 500 на „Чес“, лидери во брз шах. Возбудливата нова серија на настани завршува со турнир на кој учествуваат осум играчи. Г.И.