По максималните стартни победи во првото коло, македонската машка и женска шаховска репрезентација убедливо се поразени од објективно поквалитетни селекции во второто коло на 44. Шаховска олипијада (ШО), која до 10 август се одржува во индискиот град Ченаи во 11 натпреварувачки кола. Македонските шахисти, рангирани 61-ви пред почетокот (2.389 просечен рејтинг), од 187 селекции со вкупно 937 шахисти (од тоа 235 велемајстори), во денешното коло, загубија од силната Франција, рангирана 15-та (2.621) со 0-4. Истиот негативен резултат го забележаа и шахистките, рангирани 71-ви (1.863) од 161 репрезентации со 798 натпреварувачки (15 ВМ), од поквалитетната селекција на Индонезија, рангирана 32-ра (2.211). Најголем отпор во македонските редови пружија ИМ Тони Лазов и Ивана Манова, кои играа на вторите табли. Лазов загуби по 51 одигран потег, а Манова одигра седум потези повеќе.

Моментно машката селекција е на делба на 91-120. место (94-то според дополнителниот критериум) со два екипни бода (четири поени по табли), додека женската селекција е на делба на 75-105. место (81-во според дополнителниот критериум) исто така со два екипни бода (четири поени по табли).

Во третото коло на ШО, кое се игра утре, шахистите ќе ги одмерат силите против Шри Ланка (рангирана 112-та), а шахистките со Етиопија (рангирана 113-та). Се очекува и двете македонски селекции да ги забележат вторите победи во Ченаи.

На последната ШО во Батуми, Грузија 2018, мажите (рангирани 43-ти) го освоија 48-то место од 185 селекции, а жените (рангирани 58-ми) беа 70-ти меѓу 151 репрезентација. Најголеми фаворити за шампионските титули во Ченаи (во отсуство на фаворизираните Кина и Русија) се селекциите на САД во машшка и Индија во женска конкуренција.

ФРАНЦИЈА – МАКЕДОНИЈА 4-0

ВМ Жил Мусард (2.672) – ВМ Звонко Станојоски (2.412) 1-0 (39 потези)

ВМ Лоран Фресине (2.631) – ФМ Емил Ристески (2.405) 1-0 (51)

ВМ Матју Корнет (2.551) – ИМ Тони Лазов (2.374) 1-0 (38)

ВМ Марк Мауризи (2.506) – ИМ Никола Николовски (2.366) 1-0 (35)

 

МАКЕДОНИЈА – ИНДОНЕЗИЈА 0-4
ЖФМ Моника Стојковска (2.091) – ИМ Ирине Сукандар (2.373) 0-1 (32)

Ивана Манова (1.849) – ИМ Медина Аулиа (2.374) 0-1 (58)

Драгана Николовска (1.876) – Фариха Марирох (1.839) 0-1 (37)

Моника Жежовска (1.588) – ЖИМ Анастасиа Читра (2.257) 0-1 (31)

Г.И.