ОДБОЈКА – КУП НА МАКЕДОНИЈА

Шести пат во низа, а вкупно деветти, одбојкарите на Струмица Никоб го освоија победничкиот пехар во Купот на Македонија, кој годинава во машка и во женска конкуренција се одржа во Радовиш. Во машкото финале, актуелниот првак на Македонија славеше на дуелот со ГОК Борец со 3-0 во сетови (25-7, 25-23, 25-18) и на тој начин го освоија вкупно 18-от пехар во својата клупска историја.
Претходно во полуфиналето, велешани ја совладаа Шкендија со 3-1 (14-25, 25-19, 25-17, 25-19), а Струмица Никоб го победи Универзитет во Тетово со 3-0 (25-19, 25-11, 25-23).
Одбојкарките на Работнички, пак, го одбранија ланскиот трофеј во Купот на Македонија, откако славеа во финалето над Наковски волеј со 3-1 во сетови (23-25, 25-18, 30-28, 25-16).
Во полуфиналето струмичанки го победија Вардар со 3-1 (25-16, 25-22, 10-25, 25-11), а Работнички славеше со 3-0 (25-21, 25-12, 25-20) против Јанта волеј. Г.И.