ШАХ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА ЖЕНИ

Полската шахистка, велемајсторот (ВМ) Моника Сочко (2.423 рејтинг-поени, рангирана на седмото место пред почетокот), го освои првото место на Европското првенство (ЕП), кое се одржа во Прага, Чешка, што е нејзина прва титула. Во конкуренција на 123 шахистки (7 ВМ, 23 ЖВМ, 20 ИМ, 24 ЖИМ, 6 ФМ, 23 ЖФМ) од 28 држави, по 11 одиграни кола, Сочко (42) освои 8,5 поени (шест победи, пет ремија, без пораз) и нови 18,6 рејтинг-поени. Второто место го освои интернационалниот мајстор (ИМ) од Азербејџан, Гунај Мамаџада, (2.466, рангирана на петтото место) со осум поени, додека трета беше нејзината сонародничка, ЖВМ Улвиа Фаталиева (2.413, рангирана на деветтото место), исто така со осум поени, но послаб дополнителен критериум. Сочко, не сметајќи ги новите рејтинг-поени, на најновата женска септемвриската рејтинг-листа е на 40-то место.
ВМ од Грузија, Нана Џагнидѕе (2.531, рангирана на првото место), заврши 16-та со седум поени, додека ланската шампионка ВМ од Ерменија, Елина Даниелиан (2.441, рангирана на шестата позиција), го освои 14-то место со седум поени.
Ова ЕП беше и квалификациско за Светското првенство (СП) за жени во 2023 година. Според прописите на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и одлуката на Одборот на Европската шаховска унија (ЕЦУ), деветте најдобри шахистки од ова ЕП се квалификуваа за СП следната година. Г.И.