ФУДБАЛ – ЕВРОПСКИ КУПОВИ

Во осминафиналињата се клубови од 19 земји, најмногу од Италија

Меѓу 48-те клуба што играат во осминафиналето на трите европски фудбалски купа има клубови од 19 земји. Така, свои претставници во Европа имаат Италија, Англија, Франција, Германија, Шпанија, Чешка, Шкотска, Турција, Азербејџан, Португалија, Белгија, Израел, Грција, Холандија, Хрватска, Норвешка, Швајцарија, Австрија и Данска.
Меѓу 16-те најдобри во Лигата на шампионите има тимови од осум земји, во Лига Европа од девет, а во Конференциската лига настапуваат екипи од 13 земји.
Најмногу преставници во трите европски купа има Италија, седум тима (Наполи, Интер, Милан, Лацио, Аталанта, Рома и Фиорентина), шест има Англија (Манчестер сити, Арсенал, Вест хем, Брајтон, Ливерпул и Астон вила), по пет екипи се од Шпанија (Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Сосиедад и Вилјареал) и од Германија (Баерн, Борусија Дортмунд, Лајпциг, Франбург и Баер)…
Во трка по годинашните трофеи во трите европски фудбалски купа се вкупно 14 клуба што досега биле европски прваци, и тоа Манчестер сити, Реал Мадрид, Барселона, ПСВ Ајндховен, Порто, Интер, Борусија Дортмунд и Баерн во Лигата на шампионите, потоа Ливерпул, Милан, Бенфика и Марсеј во Лига Европа, како и Астон вила и Ајакс во Конференциската лига. Сите тие се во осминафиналето на соодветните европски купови. Н.М.


ФУДБАЛ – ЛИГА-КУП

Челси и Ливерпул петти пат играат меѓу себе во финале на некој од куповите во Англија

Челси и Ливерпул третпат ќе играат меѓу себе во финале на фудбалскиот Лига-куп на Англија, в недела (од 16 часот), на стадионот „Вембли“ во Лондон. Во претходните две финалиња двата клуба славеа по еднаш, Челси во 2005 година (со 3-2, по продолженијата), а Ливерпул во 2022 година (на пенали, 11-10, по ремито 0-0).
Тие два клуба играа меѓу себе и во две финалиња на ФА-купот и, исто така, имаат по една победа, Челси славеше во 2012 година (2-1), а Ливерпул победи во 2022 година (на пенали со 6-5, по ремито 0-0). За Челси тоа е вкупно десетто финале во Лига-купот на Англија (има пет триумфи), а Ливерпул ќе го игра 14-то (има девет трофеи). Н.М.


КАРАТЕ – БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО

Македонците по нови медали во Подгорица

Вкупно 20 македонски каратисти, предводени од тренерите Александар Кузмановски, Бошко Заборски и Арлинд Хусеини, ќе ја претставуваат Македонија на Балканско првенство (БП) во карате за сениори, кое викендов се одржува во црногорскиот град Подгорица, во конкуренција на 275 учесници од 13 држави.
Боите на Македонија ќе ги бранат: Теодора Цветковска (до 50 кг), Михаела Мишовска (до 50 кг), Марија Петковска (до 50 кг), Симона Заборска (до 55 кг), Викторија Јовановска (до 61 кг), Вероника Костовска (до 61 кг), Јована Мицовска (до 61 кг), Ангела Мојсовска (до 68 кг), Вахик Весели (до 60 кг), Емил Павлов (до 67 кг), Давид Петков (до 67 кг), Димитар Лозаноски (до 67 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Љупче Михајлов (до 75 кг), Мурсел Мисини (до 75 кг), Петар Спасеновски (до 84 кг), Витомир Трајковски (до 84 кг), Данило Божовиќ (над 84 кг) и Вегим Мурати (над 84 кг).
Екипно борби (машки): Хаџи Кимов, Михајлов, Мисини, Павлов, Спасеновски, Трајковски и Заборски; екипно борби (женски): Јовановска, Костовска, Мојсовска и Заборска. Г.И.


КОШАРКА – НБА

Јокиќ им се придружи на Џејмс и на Вестбрук

Никола Јокиќ, кошаркар на Денвер, се приклучи на ексклузивен клуб станувајќи третиот играч во историјата на НБА-лигата што забележал т.н. трипл-дабл против секој тим со кој се соочил, пишува НБА. Јокиќ постигна 21 поен, 19 скока и 15 асистенции во победата на Денвер на дуелот со Вашингтон со 130-110, со што им се придружи на Леброн Џејмс и на Расел Вестбрук во ексклузивниот клуб. Јокиќ стана и првиот кошаркар во историјата на НБА што погоди 10 шута од 10 обида или подобро од поле со најмалку по 15 скока и асистенции на еден натпревар, пишува НБА. Н.М.


ФУДБАЛ

Крос се враќа во репрезентацијата на Германија

Фудбалерот од средниот ред на Реал Мадрид, Тони Крос, ќе се врати од репрезентативната пензија и ќе настапува за Германија, домаќинот на Европското првенство годинава, пишува „Би-би-си“. Крос, кој беше дел од селекцијата на Германија што ја освои титулата на Светското првенство во 2014 година, досега има 106 настапи за репрезентацијата. Тој се пензионира во јули 2021 година, но сега ја смени одлуката по разговорите со германскиот селектор Јулијан Нагелсман, пишува „Би-би-си“. Германија на годинашното Европско првенство е во групата А, со Шкотска, Унгарија и со Швајцарија. Н.М.