КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Јончевски го скрати списокот, Хап на местото на Шортс

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Александар Јончевски, го објави скратениот список со 14 играчи кошаркари што ќе конкурираат за место во националниот состав за претстојниот февруарски дуел со Естонија, на 23 февруари, во СРЦ „Кале“ во Скопје (19 ч.), во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година во Летонија, Кипар, Финска и во Полска. На списокот има пет играчи од МЗТ Скопје, тројца од Пелистер, двајца од Работнички и по еден од Уникс Казан, Гран Канарија, Задар и од Башкими. Селекторот Јончевски се определи за дебитантот, центарот Итан Хап, на местото на плејмејкерот Ти Џеј Шортс. Првиот тренинг е закажан за понеделник, од 18 часот, во СРЦ „Кале“.
Состав: Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Марин Петков (сите од МЗТ Скопје), Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Амар Хот (тројцата од Пелистер), Стојан Ѓуроски, Виктор Ефремовски (двајцата од Работнички), Ненад Димитријевиќ (Уникс Казан, Русија), Адем Мекиќ (Задар, Хрватска), Лејсон Зеќири (Башкими, Косово), Итан Хап (Гран Канарија, Шпанија). Г.И.


КОШАРКА

Од денеска мечеви за купот „Благоја Георгиевски- Буштур“

Од денеска до сабота, Битола, по пауза од 17 години, ќе биде домаќин на купот на Македонија во кошарка „Благоја Георгиевски-Буштур“, за сезоната 2023/2024, со учество на осум екипи. За трофејот во спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе играат МЗТ Скопје, Еуро Никел, Пелистер, Чаир, Работнички, ТФТ, Феникс и Гостивар.
Според пласманот на клубовите по првиот дел од регуларниот дел од сезоната (11 кола) во Првата лига – мажи, одредени се и четвртфиналните двојки. Утре се двете полуфиналиња, а в сабота ќе се одигра и финалниот натпревар. Актуелниот победник МЗТ Скопје е најтрофејниот клуб во досегашниот изминат 31 куп на Македонија со 11 трофеи, а Работнички има 10. Г.И.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

1. МЗТ Скопје – Гостивар 12 ч.
2. Еуро Никел – Чаир 14.30 ч.
3. Работнички – ТФТ 17 ч.
4. Пелистер – Феникс 19.30 ч.