Уставниот суд треба да биде доследен на одлуката од 2014 година, каде што укина две одредби од Законот за патни исправи и каде што упатува на уште една пресуда, многу релевантна во однос на нашиот сегашен случај, Стамосе против Бугарија. Има и редица други пресуди на Европскиот суд за човекови права во
однос на овој аспект на слободата на движење и најчесто се поврзани со патните исправи…

Едно од повеќето решенија за патните исправи го има во претходно донесени одлуки и во судската практика

Револтот и фрустрациите кај македонските граѓани катадневно растат откако стана јасно дека нема да можат во скоро време да извадат нова патна исправа бидејќи надлежните не обезбедиле навреме обрасци и дека поради тоа ќе мораат да останат затворени внатре во државата, без никаква можност да патуваат во странство.
Ваквото институционално потфрлање е проблематично од повеќе аспекти, имајќи предвид дека има граѓани што имаат здравствени третмани надвор од Македонија, има бизнисмени чии бизниси ќе трпат оти ќе бидат спречени во воспоставувањето деловни контакти, научната фела нема да може да учествува на меѓународни конференции, има студенти што ќе бидат лишени од дополнителна наобразба надвор, спортисти, но и луѓе што сакаат да поминат годишен одмор некаде надвор од македонските граници.
Сето ова не е по вина на граѓаните, туку на државата, па од тие причини има сериозни елементи за поведување постапка пред Уставниот суд, токму во непостапувањето на државните органи за исполнување на условите за спроведување на Преспанскиот договор и ограничувањето на слободите и правата на граѓаните, поради неиздадени документи.
– Можеби во праксата на Европскиот суд за човекови права нема да најдеме идентична ситуација во однос на оваа наша ситуација, на 650 илјади граѓани или нешто повеќе од тоа да им е ускратено правото на слободно движење. Искрено сум изненаден зошто Уставниот суд не реагира, барем да биде доследен на одлуката од 2014 година, каде што укина две одредби од Законот за патни исправи и каде што упатува на уште една пресуда, многу релевантна во однос на нашиот сегашен случај, Стамосе против Бугарија. Има редица други пресуди на Европскиот суд за човекови права во однос на овој аспект на слободата на движење и најчесто се поврзани со патните исправи – вели универзитетскиот професор Денис Прешова.
Дополнително, тој, во гостувањето на телевизијата Телма, изјави дека не гледа никаква логика во одлуката на македонските власти да ги затворат сопствените граѓани.
– Нашите власти одлучија да нѐ затворат во државава. Нелогично тотално. Има одлука на Уставен суд од 2014 г. каде што стои многу јасно дека почитувањето на обврските од меѓународни договори, во таа ситуација, се однесуваше на безвизниот режим, миграциските правила на земјите од шенген-зоната, неиздавање пасош на кој претходно бил протеран… И како принцип, Уставниот суд, во оваа одлука добро образложил, навел дека не може државата да се повикува и Владата, кога се обидела на своите меѓународни обврски преземени од меѓународни договори, не го прифатила ова како аргумент и утврдила дека тие законски одредби, како и оваа законска одредба за измена на Законот за патни исправи од 2021 г., апсолутно не се неопходни и се тотално непропрополционални бидејќи по автоматизам оневозможуваат лица без новите документи да ја напуштат државата. Таа цена сметам дека е преголема и нашите власти ја допуштија и ја одбрале самите, не морале да го прават тоа. Имало начини по дипломатски канали и претходно да искомуницираат далеку од очите на јавноста. Одговорноста е апсолутно на нашата страна и релевантните пресуди и одлуката на Уставниот суд сметам дека е апсолутно применлива. Има и многу други пресуди на Европскиот суд за човекови права и на Комитетот за човекови права при ОН во контекст на меѓународниот пакт за граѓански и политички слободи каде што јасно се утврдило дека пасошот е инхерентно поврзан со правото да стекнете патна исправа под одредени услови, инхерентно поврзано со правото на слободно движење, односно на слободата на движење – заклучува Прешова.