Спортски вести

НБА

Дончиќ со личен рекорд од 51 кош

Кошаркарот на Далас, Словенецот Лука Дончиќ (22), блескаше во победата (112-105) над Лос Анџелес клиперс во НБА-лигата, постигнувајќи дури 51 кош, што претставува и негов личен рекорд. Притоа имаше девет скока и шест асистенции.
Словенечкиот репрезентативец речиси пред една година, на 12 февруари, постигна тогашен рекорд во кариерата против Њу Орлеанс, уфрлувајќи 46 поени, со 12 асистенции и осум скока. Во победата над Лос Анџелес клиперс, тој го поправи својот рекорд за пет поени.
Дончиќ со овој свој рекорд стана четвртиот кошаркар во историјата на Далас кому му успеало да постигне 50 или повеќе поени на еден натпревар. Пред него тоа им успеало само на Дирк Новицки, Џамал Мешбурн и Џим Џексон.
Во последниот напад, Дончиќ можеше да го нападне и рекордот на Новицки (53 поени), но тој остави времето да истече без да се обиде да упати удар кон противничкиот кош. Г.И.


ФУДБАЛ – КЛУПСКО СП

Челси и Палмеирас во дуел за вредниот трофеј

Челси, првакот на Европа, и Палмеирас, шампионот на Јужна Америка во минатите две сезони, ќе играат во вечерашното финале на 18-то клупско Светско првенство (СП) во фудбал во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати. Во полуфиналето, Челси го елиминира Ал Хилал (1-0), а бразилскиот клуб беше подобар од Ал Ахли (2-0). Двата тима во вториот настап во ова натпреварување ќе атакуваат на првата титула клупски светски првак.
Тимот на Челси, преполн со ѕвезди, ќе се обиде да се реваншира за поразот од Коринтијанс (0-1) во финалето во 2012 година во Јапонија и да го освои вториот трофеј сезонава, по Суперкупот на УЕФА и победата над Вилјареал, на пенали. На Челси му недостига само триумф на клупското СП, откако Роман Абрамович го купи клубот во 2003 година.
Палмеирас, кој е формиран во 1914 година има освоено три титули во Копа Либертадорес и рекордни 10 титули првак на Бразил, ќе ја има поддршката од околу 15.000 навивачи колку што се очекува да пристигнат од Сао Паоло во Абу Даби. Л.Д.