Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – ЛШ, 2. КОЛО
Гостите доминираа во првите осум меча

Гостинските екипи беа доминантни во првите осум натпревари од второто коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), откако забележаа пет победи, едно реми и два пораза, освојувајќи вкупно 16 бода, наспроти седумте на домаќините.
Од домашните тимови победија само Интер, на мечот со Бенфика (1-0) и Ленс со Арсенал (2-1), меѓу себе ремизираа ПСВ Ајндховен и Севилја (2-2), а гостински победи остварија Сосиедад (кај Салцбург со 2-0), Брага (Унион Берлин 3-2), Баерн (Копенхаген 2-1), Галатасарај (Манчестер јунајтед (3-2) и Реал Мадрид (Наполи 3-2). Со пресврт, по водство на противникот, славеа пет клуба (Ленс, Брага, Баерн, Галатасарај и Реал Мадрид). Синоќа се играа дуелите од второто коло во групите Е, Ф, Г и Х.
По две кола во групите А, Б, Ц и Д со по шест бода на табелите се издвоија Баерн (група А) и Реал Мадрид (група Ц). Баерн, пак, зголеми две рекордни серии во Лигата на шампионите, откако е непоразен на 36 натпревари по ред во групната фаза (33 победи и три ремија), победувајќи на секоја од претходните 15 средби. Н.М.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Кевендиш го одложи пензионирањето, ќе се обиде да собори рекорд на Тур де Франс

Британецот Марк Кевендиш, кој најави повлекување во мај, ги одложи плановите за пензионирање и ќе се трка на Тур де Франс в година, пишува „Би-би-си“. Тој ќе има шанса да го собори рекордот од 34 етапни победи на таа грантур-трка, кој го дели со легендата Еди Меркс (Белгија).
– Обожавам да возам велосипед. Разговарав со децата, тие рекоа да продолжам – рече Кевендиш.
Тур де Франс в година почнува во Фиренца (Италија), на 29 јуни, но Кевендиш ќе се трка цела сезона. Тој беше принуден да ја напушти годинашната трка на Тур де Франс на осмата етапа поради скршена клучна коска.
Кариерата на Кевендиш беше славна и тој нашироко се смета за најдобар спринтер на сите времиња, неговиот експлозивен начин на возење во последните метри на порамни спринтерски етапи му донесе најмногу етапни победи на Тур де Франс, заедно со Мерккс, пишува „Би-би-си“. Белгиецот, кој победуваше во текот на 1960-тите и 1970-тите години, победи на сите видови етапи, вклучувајќи ги и планинските етапи, на патот кон рекордните пет титули. Н.М.