Фото: Маја Јаневска-Илиева

За протоколот за спроведување на основниот договор, потпишан од министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска на 17 јули 2022 година

– Македонскиот и бугарскиот премиер на 1 август 2017 година потпишаа контроверзен договор на асиметрична основа, штетен по македонските национални и државни интереси, во спротивност на меѓународното право. Заради почеток на преговорите со Европската Унија, Бугарија услови и протокол за спроведување на овој договор, потпишан од министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска на 17 јули 2022 година. Овој протокол е всушност анекс на договорот! Во протоколот се содржани сите идентитетски и историски прашања со кои Македонија од држава треба да стане територија без македонски народ и историја! Во протоколот се содржани сите бугарски барања од: „Рамковната позиција за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со Европската Унија“ усвоена од бугарската влада на 9 октомври 2019 година, а потврдена со декларација на народното собрание на Бугарија на 10 октомври 2019 година, таканаречениот „Објаснувачки меморандум“ на Софија до земјите-членки на Европската Унија од 16 септември 2020 година и декларацијата на народното собрание на Бугарија од 24 јуни 2022 година со дополнителните услови: да бидат впишани Бугарите во Уставот на државата Македонија, како услов за одржување на првата меѓувладина конференција на Европската Унија со Македонија. И да нема нови бугарски барања, СИТЕ веќе се инкорпорирани во француската предлог-преговарачка рамка, која Собранието на Македонија ја прифати на 16 јули 2022 година. А тие „СИТЕ“ бугарски барања значат денационализација на Македонија и македонскиот народ по сите основи, Скопје да прифати дека: до 1944 година Македонците се Бугари, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, Македонија е втора бугарска држава, не постои бугарска нацистичка окупација во Македонија во Втората светска војна, да се ретушираат сите споменици и учебници… Ирелевантни се изјавите на Бујар Османи и Димитар Ковачевски. Особено што, поради конфликт на интереси, Бујар Османи не треба да ги води преговорите со Софија за решение на македонското прашање! Единствено решение од оваа агонија е: итно и безусловно еднострано раскинување на договорот Заев – Борисов и итно и безусловно еднострано распуштање на меѓувладината македонско-бугарска комисија за ревизија на македонската историја! Македонија не е против договор за добрососедство со Бугарија, како и со сите соседи, меѓутоа врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи! Во Македонија, Албанија и во Косово етнички бугари НЕМА! Отфрламе впишување на софиски врховисти, односно колаборационисти како етнички Бугари во Уставот на државата Македонија! Бугарија е должна да ги признае Македонците во Бугарија и да им ги даде сите права и слободи утврдени во меѓународното право: право на образование, информирање и вероисповед на мајчин македонски јазик и правото на протест, собир и регистрација на здруженија и политички партии. Впрочем, Софија е должна да спроведе 17 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур по тужби од Македонците во Бугарија, во спротивност треба да биде исклучена од Советот на Европа! – е ставот на првиот човек на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, врз основа на повеќе меѓународно-правни експертизи за споменатиот договор, при што уште еднаш издвојува дека се согласува со констатацијата дека и да нема нови бугарски барања, тие веќе се инкорпорирани во преговарачката рамка. С.Т.