КОШАРКА – НБА-ЛИГА
Бостон прв финалист
Кошаркарите на Бостон се пласираа во финалето на НБА-лигата, откако во четвртиот натпревар од финалето на Источната конференција на гости ја совладаа екипата на Индијана, со 105-102, и со убедливи 4-0 во победи ја елиминираа. Ако Бостон слави и во големото финале, тоа ќе биде негов 18-ти шампионски прстен во историјата на франшизата.
Четвртиот натпревар беше израмнет, а екипите често се менуваа со минимално водство. Индијана на три минути пред крајот имаше предност од четири коша (102-98), но Бостон со серија од седум поени успеа да стигна до посакуваната четврта победа.
Џејлен Брау, кој беше прогласен и за најкорисен играч (МВП) во финалето на Источната конференција, беше и најефикасен кај победничкиот состав со 29 коша, а придодаде и шест скока. Кај Индијана, пак, прв стрелец беше Ендрју Нембхард, со 24 коша и 10 асистенции.
Во финалето на НБА-лигата Бостон ќе игра против подобриот од дуелот помеѓу Далас и Минесота. Во финалето на Западот, Далас убедливо води со 3-0 и е пред конечен триумф. Г.И.
АТЛЕТИКА
Суспендиран светскиот јуниорски рекордер на 100 метри
Светскиот јуниорски атлетски рекордер на 100 метри (до 20 години) Исам Асинга од Суринам (19) е суспендиран на четири години поради користење допинг, соопшти Атлетската единица за интегритет (АИУ).
Покрај суспензијата, на Асинга му се одземени и двата златни медала што ги освои на првенството на Јужна Америка на 100 и 200 метри, а избришан е и неговиот светски рекорд на 100 метри (до 20 години) од 9,89 секунди, кој го забележа на првенството во Сао Паоло (Бразил) минатата година.
Асинга беше привремено суспендиран во август 2023 година, откако беше позитивен на тестот за забранети метаболити, еден месец откако го постави светскиот јуниорски рекорд. Како што пишува АП, Асинга има намера да поднесе жалба до Судот за спортска арбитража (ЦАС). Г.И.