Според ФИА, новите прописи се наменети да овозможат и да привлечат нови производители на мотори

ФОРМУЛА 1

Светскиот совет за моторни спортови на Меѓународната федерација за автомобили (ФИА) ги одобри новите прописи за моторите во Формула 1, кои се очекува да стапат во сила во 2026 година, на тој начин отворајќи го патот за новите производители на мотори, како што е на пример „Порше“. Поточно од 2026 година, моторите во Формула 1 ќе користат 100 отсто одржливи горива и ќе имаат зголемување на потрошувачката на електрична енергија до 50 отсто во споредба со сегашните нивоа, прецизираше ФИА во соопштението лиферувано за јавноста.
За да се продолжи со динамиката и занимливоста на трките, моторите ќе имаат слични перформанси како и сегашните модели со внатрешно согорување со голема моќност и високи вртежи, но со намален проток на гориво.
– Воведувањето на напредната технологија за погон и одржливи синтетички горива е дел од нашата цел да им користиме на учесниците во трките и да ја постигнеме нашата цел за нула емисии на јаглерод до 2030 година – изјави претседателот на ФИА, Мохамед бин Сулејем.
Трошоците за развој на новите мотори исто така ќе бидат ограничени до 2023 година. Според ФИА, новите прописи се наменети да овозможат и да привлечат нови производители на мотори. Меѓу нив, германскиот производител „Порше“ би можел да го потпише своето враќање како производител на мотори во врвната категорија на мотоспортот во партнерство со тимот на Ред Бул. Г.И.