ФОРМУЛА 1
По трката во Бахреин пред две недели, утре продолжува шампионатот во Формула 1, под рефлектори, но сега на патеката Џеда во Саудиска Арабија, каде што седумкратниот светски шампион, Британецот Луис Хамилтон, ја забележа последната, 103-та победа во својата досегашна кариера. Двојниот светски шампион, Холанѓанецот Макс Ферстапен, кој победи на првата трка годинава, дојде на патеката со еден ден задоцнување, поради проблеми со стомачен вирус.
Трката за големата награда на Саудиска Арабија првпат се возеше во 2021 година и беше мошне возбудлива, оти по неа Ферстапен и Хамилтон се изедначија според бројот на бодови пред следната трка во Абу Даби, кога практично Холанѓанецот и ја освои првпат титулата во својата кариера. Победата на таа трка во Џеда му припадна на Британецот, кој го забележа и најбрзиот круг.
На минатогодишната трка, исто така втора трка во сезоната, се водеше голема битка помеѓу Ферстапен и Шарл Леклер, а победата му припадна на Холанѓанецот, со разлика од само 0,549 секунди. Г.И.