Во 2023 година во Македонија ќе се игра една од четирите групи на ЕП во одбојка, машката ракометна репрезентација ќе настапи на своето осмо СП…, на програмата се третите Европски игри и многу континентални и планетарни шампионати во повеќе спортови, како и квалификациските натпревари за пласман на ЛОИ и на ПОИ во 2024 година во Париз

Годинава е предолимписка и е преполна со многу големи континентални и планетарни шампионати во повеќе поединечни и екипни спортови, како квалификациските натпревари за пласман на Летните олимписки (ЛОИ) и Параолимписки игри (ПОИ) во 2024 година во Париз (Франција), а Македонија, како и во 2022 година, ќе биде и домаќин на нов голем настан за сениори, овој пат на Европското првенство за одбојкари.
Традиционално, македонската машка ракометна репрезентација ја почнува годината на големи спортски првенства, па веќе од 11 јануари ќе игра на 28-то Светско првенство (СП), во Полска и во Шведска (во групата Ф со Норвешка, Холандија и со Аргентина). Тоа ќе биде осми настап на Македонија на светските првенства и 12-ти во низа на големите шампионати, заедно со европските првенства.

– На спортски план во 2023 година очекувам, пред сѐ, добар настап на македонската репрезентација на Светското првенство, потоа освојување на шампионска титула во домашното првенство со Вардар. На македонските спортисти им посакувам година со многу успеси на спортски и на приватен план и, секако, многу здравје во остварувањето на своите цели – вели ракометниот репрезентативец Гоце Георгиевски.

Од македонските спортисти, настап во Париз, на Параолимписките игри, лани обезбеди Оливера Наковска-Бикова.

– Посакувам годинава да ми биде еднакво успешна како и 2022, нѐ чекаат настапи на многу меѓународни првенства, па прво си посакувам многу здравје, а потоа и спортска среќа. На моите колеги спортисти им посакувам да им се остварат нивните спортски соништа, да ги следат здравје и среќа на настапите и да освојат грст медали, со што ќе ги израдуваат љубителите на спортот во нашата држава. Среќна Нова година – рече Наковска-Бикова, актуелна европска и светска првенка во стрелаштво.
Од мноштвото шампионати, Македонија и годинава ќе биде кодомаќин на сениорско првенство (во 2022 г. беше, на пример, на Европското првенство за ракометарки), овој пат на една група на 34-то ЕП за одбојкари, на кое црвено-жолтите ќе играат во Скопје, во групата Ц (со Чешка, Полска, Данска, Холандија и со Црна Гора).

– Во 2023 година нѐ очекува голем спортски настан, а тоа е Европското првенство во Македонија. По 1975 година, кога во Скопје се одржа една група од ЕП, ова е втор најголем настан во македонската одбојка. Посакувам сѐ да помине организациски одлично, како што беше во 2022 година на ЕП до 19 години, кога се претставивме како добри домаќини, да бидеме меѓу првите четири во групата и да продолжиме понатаму. На македонските спортисти би им посакал пред сѐ многу здравје, како и малку повеќе пари да се издвојуваат за спортот – вели Зоран Карановиќ, генерален секретар на Одбојкарската федерација на Македонија.
Во 2023 година на програмата се и фајналфор-турнирот на фудбалската Лига на нациите во Холандија, светските првенства во водни спортови во Јапонија, во атлетика во Унгарија, во алпско скијање во Франција, во нордиско скијање во Словенија, во кошарка за мажи во Индонезија, Јапонија и на Филипините, во ракомет за жени во Данска, Норвешка и во Шведска, во фудбал за жени во Австралија и во Нов Зеланд, мечевите за светската титула во шах, европско и светско првенство во таеквондо (во Италија, односно во Индонезија), карате (во Шпанија, односно во Унгарија), борење (во Хрватска, односно во Србија), џудо (во Франција, односно во Катар)…, европските шампионати во одбојка за жени во Белгија, Германија, Италија и во Естонија, во кошарка за жени во Израел и во Словенија…, како и секоја година многу младински шампионати, гранслем-турнири во тенис, грантур-трки во велосипедизам, атлетска Дијамантска лига…

– Во 2023 година ме очекуваат многу големи натпреварувања, како што се светско и европско првенство и неколку силни гранпри-турнири. Годинава ќе биде пресудна за обезбедување норма за ЛОИ 2024 во Париз и токму затоа очекувам уште подобри резултати од 2022 година. Се надевам на медал од СП, кој, пак, ќе ми донесе многу поени за ЛОИ во Париз. Имам освоено медали од ЕП, Балканијада, Медитерански игри, а единствено немам од СП, па затоа желба ми е и тој медал да стане моја сопственост. На сите македонски спортисти им посакувам многу здравје, среќа и што поголеми успеси од изминатава година. Се надевам дека за ЛОИ 2024 ќе обезбедиме што повеќе норми и како што ѝ прилега на една спортска експедиција, во што поголем број достојно да ја претставиме Македонија – рече Дејан Георгиевски, освојувач на сребрен медал од ЛОИ 2020 во таеквондо.
Фудбалската репрезентација годинава ќе ги почне квалификациите за пласман на Европското првенство во 2024 година (во група со Италија, Англија, Украина и со Малта), кошаркарската ќе ги продолжи квалификациите за континенталниот шампионат во 2025 година (во група со Норвешка, Словачка и Данска), а в година се и, на пример, третите Европски игри, во Полска.

– Во 2023 година очекувам да продолжам со успешни настапи на големите натпревари што ме очекуваат и да се покажам во најдобро светло. На другите македонски спортисти би им посакал прво да бидат живи и здрави, потоа и да ги подобрат своите најдобри резултати, а Македонија да има што е можно повеќе успешни резултати, бидејќи ние сме спортска нација и го заслужуваме тоа – вели каратистот Емил Павлов. Г.И. / Г.М.


Данчевски: До успех се стигнува само со секојдневни тренинзи, вклучувајќи го и 1 јануари

Посакувам полека, но сигурно, шахот да влезе во сите училишта во Македонија. На сите спортисти во годинава им посакувам да веруваат повеќе во своите можности на спортски план и, секако, да не заборават дека до успех се стигнува само со секојдневни тренинзи, вклучувајќи го тука и 1 јануари во 2023 година, вели шаховскиот тренер Орце Данчевски.