Отворањето на Светскиот куп (СК) е на 4 и на 5 ноември во Висла (Полска), а скијачите скокачи никогаш не ја почнале сезоната во СК толку рано, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Поради раниот датум ќе има премиера, па првиот натпревар во СК сезонава ќе се одржи на пластична подлога за слетување, како за летните натпревари, и затоа нема да биде потребно да се произведува вештачки снег на релативно високи температури, објави претходно ФИС.
– Овој распоред е одлична можност скијачките скокови да се прикажат како спорт во текот на целата година, благодарение на пластичните скокалници, а покрај тоа, тоа е исклучително одржливо. Спорт во текот на целата година, бидејќи натпреварите во скијачки скокови навистина може да се одржат во секое време од годината. Во пролет и во лето со керамички патеки за залетување и пластични подлоги за слетување, во есен со замрзнати патеки и пластични подлоги и во зима, се разбира, со замрзната патека и со снег на падината за слетување. Различни површини, но ист спорт, можете малку да го споредите со тенис на различни типови терени. Одржливо, бидејќи производството на снег може целосно да се избегне. Во денешно време може да се произведе снег на плус 15 степени, но тоа бара многу енергија, без тоа можеме целосно – рече за ФИС Сандро Пертиле, директор на натпреварите во скијачки скокови.