Вторпат се случи првите четири места на еден натпревар да ги освојат репрезентативци од иста земја. Титулата во Светскиот куп ја освои Јапонецот Рјоју Кобајаши, негов втор триумф
СВЕТСКИ КУП – НАТПРЕВАР НА ПЛАНИЦА
Словенечката репрезентација во скијачки скокови направи подвиг во Светскиот куп (СК) претходно виден само еднаш во тоа натпреварување, пред 42 години. На претпоследниот натпревар сезонава во Светскиот куп, овој пат во скијачки летови, на познатата леталница Планица (Словенија), првите четири места ги освоија репрезентативци на Словенија. Победи Жига Јелар, пред Петер Превц, Анже Ланишек и Тими Зајц. За Јелар тоа беше прва победа во кариерата во Светскиот куп. Словенија со истата четворка следниот ден убедливо победи во тимскиот натпревар во скијачки летови на Планица.
Претходен пат четворица скијачи скокачи од иста земја да се пласираат на првите четири места во индивидуален натпревар од Светскиот куп се случи во 1980 година Тандер беј (Канада), кога водечките четири позиции ги освоија репрезентативци на Австрија (Армин Коглер, Хуберт Нојпер, Тони Инауер и Клаус Тушерер, од кои Нојпер таа сезона победи во Светскиот куп).
Новиот првак во Светскиот куп за сезонава се решаваше на вчерашниот натпревар на Планица (победи олимпискиот и светски првак Мариус Линдвик од Норвешка, пред Јукиа Сато од Јапонија и пет скокачи од Словенија, П. Превц, Зајц, Ланишек, Јелар и Цене Превц), а вторпат во кариерата кристалниот глобус го освои Јапонецот Рјоју Кобајаши, кој победи во тесната трка со Германецот Карл Гајгер.